За минималната плата и пензиите имаме системско решение постигнато преку социјален дијалог, рече вицепремиерот за економски прашање Фатмир Битиќи.

-За ова веќе ќе нема уценувања, ќе нема наддавања меѓу синдикати и работодавачи. Дефиниравме заедно методологија, критериумите за пораст се трошоците за живот, односно инфлацијата и порастот на просечната плата. Тоа е заедно усогласено системско решение. Системско е зашто беше одобрено од сите засегнати страни, односно синдикатите и работодавачите, кажа Битиќи во „24 Анализа“.

Тој додаде дека во март освен што ќе има зголемување на минималната плата, во јавниот сектор ќе има усогласување на платите.

-Во март линеарно ќе биде зголемена платата во јавниот сектор за толку, за колку што е зголемена минималната плата. Со Законот за административни службеници сите ќе бидат опфатени, рече Битиќи, додавајќи дека пари во буџетот веќе се обезбедени.