Најголемите две бизнис здруженија од земјава испратија серија на барања до Владата се со цел ублажување на последиците од кризата. Од Стопанската комора на Македонија сметаат дека потребна е државна стратегија за компаниите да го преживеат овој кризен период и да продолжат со нормалното функционирање. Од Сојузот на стопански комори пак за Денар велат дека најголем дел од компаниите се погодени од неколку годишните турбуленции, предизвикани од здравствено економската па енергетската и сега воената криза. Ставот на владата е дека во овој неколку годишен период континуирано помага на стопанството со соодветни мерки.

Моменталната криза во која се наоѓа Македонската економија е едно од најголемите иксушенија од осамостојувањето. Бизнисмените од Стопанската комора велат дека годините што изминаа беа исполнети со големи предизвици поради тоа што се влегува од криза во криза, почнувајќи од кризата со Короната, па имавме криза со енергија, а денеска се живее со криза која настана како рефлексија на случувањата во Украина. Прекинати се традиционалните извори на енергија, прекинати се ланците за снабдување, намалена е побарувапчката, а на светот во периодот што следува во најава е и голема криза со храната. Од ова бизнис здружение велат дека е важно државата да се однесува навистина како да е во криза.

„Нас ни треба однесување на државата кое ќе подразбира дека ќе имаме потреба да имаме дури и кризни штабови и штабови кои ќе помагаат да се преживее овој период, затоа што ако нешто треба да успееме паралелно со заштита на стандардот на граѓаните е да ја зачуваме економија за подолг период. Не треба да потенцираме дека на државата и се потребни нови извори на енергија, на државата и треба активна политика во делот на алтернативни извори на енергија, на државата и треба стратегија која ќе овозможи компаните да го преживеат овој период и да создадат услови за натамошно функцинирање“, велат од Стопанската комора.

Бизнисмените немаат големи оптимистички очекувања, сметаат дека последиците ќе се чувствуваат најмалку две до три години по престанокот на кризата и тоа најмногу според нив ќе се одрази врз енергенсите, храната вештачките ѓубрива, металите, ликвидноста и инфлацијата. Ова се клучните проблеми за кои стопанствениците бараат решенија:

„Скапата струја која се набавува на слободниот пазар по берзанската цена на HUPEX во Унгарија поради што сметките на компаниите се зголемени повеќекратно за што Комората веќе понуди предлог решенија. Драстичниот раст на цените а некаде и недостиг од суровини неопходни за производство во земјава, што се заканува со нарушување на ликвидноста на компаниите. Договорите за Јавни набавки на компаниите од различни сектори склучени на подолг рок (над една година) со фиксни цени, во услови на континуирано речиси дневно менување на цените, се доведува во прашање исплатливоста на реализацијата на веќе склучените договори, а се најавува и повлекување од учество во нови тендерски постапки. Реакција на предлог измените и дополнувањата на Законот за работни односи, по скратена постапка. Стабилна даночна политика и навремен поврат на ДДВ за компаниите, што е од исклучително значење во услови на неизвесност и непредвидливост од аспект на задржување на каква таква ликвидност. Итната потреба за корекција на ЗРО за недела – неработен ден. Државата да ги наплаќа побарувањата кон стопанството, но во обратен правец замрзнати се побарувањата кои ги има стопанството од државата и со екстремно долги рокови на наплата, за што е неопходна измена на член 218 од Законот за извршување, за наплата на побарувањата на стопанството кон државата.“ наведуваат од Стопанската комора.

Од Сојузот на стопански комори пак, за Денар велат дека веќе се идентификувани проблемите со кои се соочува реалниот сектор, а кои најчесто произлегуваат од прекини на традиционалните извори на енергија и зголемување на цената на енергенсите, прекинати се ланците за снабдување, намалена побарувачката, а неизвесноста и непредвидливоста на деловниот амбиент имаат исто така имаат сериозно негативно влијание и на македонското стопанство.

„Кога разговараме за состојбата во која се наоѓа реалниот сектор и мерките кои се преземаат треба да имаме во предвид дека во 2020 година земјите од Западен Балкан бележат кумулативен пад на економиите од 3,2 проценти, додека во нашата земја падот е двојно поголем и изнесува 6,1 процент. Ако се анализира растот во 2021 година ќе се види дека тој кумулативно изнесува 7,4 проценти во земјите од Западен Балкан, додека во нашата земја е двојно помал и изнесува 4 проценти. Овие споредбени податоци покажуваат дека нашите мерки, нашата економија, нашиот човечки потенцијал, нашите компании се справиле многу полошо со кризата во однос на земјите од регионот“, велат од ССК

И од оваа стопанска комора излегоа со конкретни барања до Владата, а како приоритетни мерки кои треба да се преземат според ССК се:

„Сите микро, мали и средни компании да може да купуваат електрична енергија на регулираниот пазар. Симплификација на процедурите за поставување на фотоволтаични системи. Банките да ги намалат провизиите и издатоците кои фирмите ги имаат кон нив да се сведат на кризен минимум. Намалување на стапките на данокот на додадена вредност, како и потреба од забрзување на процесот на дигитализација на компаниите и државните институции“, додаваат од Сојузот на стопански комори.

Од Владата велат дека со ребалансот на буџетот издвоени се 80 милиони евра како резерва за дополнителни антикризни мерки за заштита на стандардот на граѓаните и поддршка на фирмите. Но конкретно за што ќе се искористат тие пари, засега не се знае.

„Како и досега и натаму Владата ќе излезе во пресрет да им се помогне на оние на кои им е најпотребна помош. Една од улогите на буџетот и на фискалната политика е прераспределбата на средствата кон точките каде што треба да бидат инвестирани или кај точките каде што треба да се даде најголема поддршка. Приоритет на Владата и натаму е задржување на ликвидноста на стопанството и на работните места. Во определувањето на овие средства од Буџетот, Владата се раководеше со целосна одговорност во однос на ликвидноста на буџетот и во однос на одржување на стабилноста на финансискиот систем“, велат од владата.

Ставот на бизнисмените е дека сумата која владата ја издвои овие кризни години за поддршка на стопанството е најниско во споредба со тоа што го добија компаниите од земјите во регионот од своите држави.