Поддршката за исплата на плата безусловно да продолжи се додека трае кризата. Бизнисмените велат дека оваа мерка даде најдобри резултати досега и дека не смее да се менува. По вчерашната средба во владата со социјалните партнери останува неизвесен начинот на кој ќе продолжи поддршката за исплата на плата за зачувување на работните места. Oва прашање е сеуште отворено и најверојатно ќе биде дефинирано на следниот состанок идната недела.

Премиерот пред два дена рече дека со петтиот пакет мерки е потешко да се дефинира оваа мерка, но најави дека ќе се бара начин за дополнителна поддршка на најпогодените сектори – угостителството, туризмот и транспортот.

Според работодавачите пак, проблем нема да има ако како година за споредба се земе 2019 наместо 2020. Тие веќе испратиле ваков предлог до Владата.

Со петтиот пакет мерки извесно е дека ќе има бескаматни кредити за фирмите. Оние кои успешно ќе ја завршат годината ќе бидат ослободени и од враќање на дел од кредитот. Дополнителна помош ќе има и за тутунарите и за медиумите, како и за најсиромашните граѓани. Тие ќе бидат ослободени од каматите за долговите што ги имаат кон државните и општинските претпријатија.