Падот на цените е последица на забавувањето на економскиот раст, бидејќи како резултат на тоа слабее и побарувачката за нафта

Во Русија, еден од најголемите светски производители, индустријата размислува да прибегне кон палење на нафтата за да ја тргне од пазарот

На глобалните пазари и минатата недела цените на нафтата драстично паднаа, вторпат по ред, бидејќи забавувањето на растот на најголемите светски економии доведува до слабеење на побарувачката за енергетски производи. Цената на барелот на лондонскиот пазар минатата недела потона за 8,7 отсто, на 87,62 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот падна за речиси 10 отсто, на 80,08 долари.

Падот на цените е последица на забавувањето на економскиот раст, бидејќи како резултат на тоа слабее и побарувачката за нафта, пренесува Хина.

Трговците најмногу ги загрижува натамошното зголемување на бројот на заразени со Ковид-19 во Кина, што ги потопи надежите дека најголемиот увозник на нафта во светот наскоро ќе ги укине сите ограничувања за коронавирусот и на тој начин ќе придонесе за раст на побарувачката на енергија. Минатата недела, Пекинг и некои други големи градови пријавија најголем број на нови инфекции од почетокот на пандемијата.

„Зголемувањето на бројот на нови случаи на Ковид во Пекинг и во другите градови не потсети дека не треба да очекуваме промена на траекторијата на економски раст и побарувачката на нафта во најголемиот светски увозник на нафта во толку брзо“,  вели Тамас Варга од ПВМ.

Поради рестриктивните мерки против ширењето на вирусот, растот на втората по големина економија во светот веќе подолго време забавува. Се очекува и натамошно забавување на растот на американската економија, со оглед на тоа што тамошната централна банка, ФЕД, најавува дополнително зголемување на каматните стапки поради високата инфлација.

Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) повторно ја намали својата проценка за растот на глобалната побарувачка на нафта во 2022 година минатата недела, по петти пат од април, наведувајќи ги Ковид-19 во Кина, високата инфлација и зголемените каматни стапки во големите економии.

Меѓународната агенција за енергетика (ИЕА), пак, ја зголеми прогнозата за раст на побарувачката за оваа година и потсети дека на 5 декември стапува на сила ембаргото на ЕУ за увоз на руска нафта од бродови, што значи дека за замена треба да се најдат околу 1,1 милион барели нафта дневно. Но, во 2023 година растот на побарувачката треба да биде забавен поради неповолните економски движења, проценува ИЕА.