На светските пазари цената на нафтата падна и минатата недела, четврти пат по ред, бидејќи трговците стравуваат дека поради забавувањето на растот на најголемите светски економии ќе ослабне побарувачката за „црното злато“. Цената на барелот на лондонскиот пазар минатата недела падна за 1,5 отсто, на 74,17 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот се намали за 1,8 отсто, на 70,04 долари.

Падот на цените четврта недела по ред е последица на стравувањата на трговците од слабеење на побарувачката, со оглед на забавувањето на растот на најголемите светски економии.

Серија неодамнешни податоци покажуваат дека закрепнувањето на кинеската економија, најголемиот увозник на нафта во светот, не е толку брзо како што се очекуваше по укинувањето на рестриктивните мерки за коронавирусот. Од друга страна, растот на американската економија, најголемиот светски потрошувач на нафта, веќе подолго време забавува бидејќи тамошната централна банка веќе една година ги зголемува каматните стапки за да ја потисне инфлацијата.

Можно е дополнително зголемување на каматните стапки, што дополнително би ги забавило активностите во економијата. Така, во петокот, гувернерката на ФЕД, Мишел Бауман, рече дека централната банка можеби ќе треба уште еднаш да ги зголеми каматните стапки доколку инфлацијата остане покачена. На цената на нафтата негативно влијаеше и зајакнувањето на американскиот долар, бидејќи тоа ја поскапува нафтата во земјите кои користат други валути.