Аналитичарите на американската банка „Citigroup“ малку ја зголемија својата прогноза за глобалниот економски раст, сега очекувајќи поблаго „приземјување“, но сепак предвидуваат дека глобалната економија ќе расте со најбавно темпо во последните 40 години.

Ова е напишано во последниот извештај на „Citigroup“ за економските перспективи во 2023-та година, пренесе „Reuters“.

Банката сега забележува забавување на глобалниот раст оваа година на околу 2,2%, што е за 0,25 процентни поени повеќе од претходната проценка, поради подобрувањето на макроекономските движења.

Експертите објаснуваат дека нивниот внимателен песимизам се должи на посилните и појасни економски перспективи за Кина, стагнацијата во еврозоната наместо рецесијата што се очекуваше порано и отпорноста на американската економија.

Економистите на „Citigroup“, предводени од Нејтан Шитс, предупредија дека упорно високата инфлација ширум светот може да го спречи растот.

„Според нашите пресметки, глобалната вкупна инфлација сè уште е некаде во опсегот од 6-7%, што е многу над целите на централната банка“, вели Шитс.

Во согласност со ставовите на „Bank of America“ и „Goldman Sachs“ од минатата недела, „Citigroup“, исто така, рече дека очекува американската централна банка да ги зголеми стапките уште три пати оваа година, со клучни каматни стапки над 5%.

На глобално ниво, американските берзански индекси забележаа силни добивки на почетокот на годината по слабите перформанси во 2022-ра година поради очекувањата дека инфлацијата достигна врв, дека Кина повторно ја отвора својата економија и дека ќе заврши низата од зголемувања на каматните стапки.

Сепак, откако новите макроекономски податоци покажаа дека инфлацијата е поотпорна отколку што се мислеше, централните банки, вклучително и ФЕД, сигнализираа натамошни зголемувања на каматните стапки.

Реалниот раст на бруто-домашниот производ во еврозоната би можел да ослаби на 0,5 отсто во 2023 година, откако порасна за 3,2 отсто во 2022 година, се вели во извештајот на „Citigroup“.

За економијата на Обединетото Кралство, банката очекува пад од 1% оваа година по растот од 4,3% во 2022-ра година.