По намалувањето на цените на горивата во наредните денови следи и намалување и на цените на лебот, брашното, шеќерот, сончогледовото масло, кравјото млеко, месото, оризот, јајцата. Ова е резултат на донесените мерки за намалување на ДДВ и акцизата, а со цел намалување на ценовниот шок поради војната во Украина.

Во следните три месеци, односно до крајот на мај годинава стапката на ДДВ за основните производи за човечка исхрана ќе биде намалена од 5 на 0 %, а данокот на горивата се намалува од 18 на 10 %, како и акцизата за 1, 2 или 4 денар.

Повластената стапка од 5 % ДДВ за електрична енергија за домаќинствата се продолжува до крајот на 2022 година.

Министерот за финансии Фатмир Бесими, на прес-конференција во Владата вчера ги повика граѓаните и стопанствениците да бидат рационални во трошењето на енергенсите и да не подлегнуваат на шпекулации кои се на штета на личниот буџет.

Донесените законските измени, рече Бесими, предвидуваат механизми кои Владата ќе може да ги користи и во иднина доколку има потреба да се избегнат какви било шпекулации и ценовни шокови на граѓаните и стопанството.

Премиерот Димитар Ковачевски, во видео обраќање до јавноста, вчера порача дека пакетот од 26 мерки во вредност од 400 милиони евра, има за цел заштита на граѓаните и стопанството.

– Единствен приоритет во моментов на оваа Влада е да го заштитиме стандардот на граѓаните и да одржиме економска стабилност. Со новиот пакет 26 мерки 400 милиони евра од буџетот насочуваме за поддршка на граѓаните и компаниите. Покрај сите овие кризни мерки, ја покачивме и минималната плата на 18.000 денари и имаме рекордно покачување не пензиите како и финансиска поддршка за пензионерите, изјави Ковачевски.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, вчера увери дека се преземени сите неопходно мерки и дека има залихи на жито, како и дека стоковите резерви се на законски пропишаното ниво.