Почна пријавувањето за дополнителните субвенции за лозарите од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството. Производителите на винско грозје од Сортите Смедеревка, Вранец, Црн Бургундец, Станушина, Кратошија, Жилавка и Кадарка, ќе добијат по 2 денари за предаден килограм во регистрирани винарници. Поднесувањето на барањата е до 25-ти декември.

Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството ги информира производителите на грозје дека до 25- ти декември, може да поднесуваат електронски барања за произведениот и предаден род во регистрираните винарници.

За оваа субвенција може да аплицираат сите кои предале грозје од сортите Смедеревка, Вранец, црн Бургундец, Станушина, Кратошија, Жилавка и Кадарка. Целта е директно да се влијае на намалување на загубите на производителите.

Инаку и годинава без разлика на сортата ќе можат да се користат и субвенции за оддржување на постоечките насади.

Корисниците на оваа мерка се земјоделските стопанства кои имаат површини под лозови насади од најмалку  0,2 хектари. Услов е бројот на садниците да не е помал од 1.389 по хектар, и да се подигнати до пролетта 2019-та година.

По 40.000, односно 48.000 денари за хектар ќе добиваат лозарите кои имаат површина од 1 до 10 хектари, а финансиската поддршка е 100 проценти. За поголемите површини, субвенциите се намалуваат скалесто и тоа најмногу  до 30 насто за лозјата над 30 хектари.