Вицепремиерот за економски прашања најави поскапување на електричната енергија за третиот и четвртиот блок. Зголемувањето на цената ќе падне на товар на поголемите корисници. Битиќи ги прифатил сугестиите на ММФ за намалување на субвенциите од страна на државата за плаќањето на електричната енергија…

Владата е подготвена да го намали субвенционирањето на струјата по препорака на Меѓународниот монетарен фонд. Зголемувањето на цената ќе падне на товар на поголемите корисници, оние од третиот и четвртиот блок. Минатата година државата субвенционираше 80 проценти од струјата на домаќинствата и малите потрошувачи, а тоа е неиздржливо за мала земја како нашата – дециден вицепремиерот за економски прашања Битиќи. Вели, годинава субвенционирањето е намалено на 60 насто и тој тренд треба да продолжи.

„Секако ние на препораката на ММФ за проширување на тарифните блокови ќе одговориме со проширување на третиот и најверојатно на тарифниот блок четири, со тоа што опфатот да биде поголем за тие што трошат повеќе, а за најранливите и оние кои штедат вистински да се задржи истата цена на електрична енергија“, изјави Фатмир Битиќи, вицепремиер за економски прашања.

Од Регулаторната комисија, која ја одредува цената на електричната енергија не сакаат да ги коментираат најавите на власта за намалување на субвенциите.

Нова закана за цената е бугарската такса за транзит на руски гас. Владата сè уште нема одговор од Софија на барањето за ослободување на капацитетите, но Скопје очекува на иницијативата што ја поднесе до Брисел да се приклучат и други земји кои се засегнати од одлуката на источниот сосед.