Европската економија најверојатно нема да се врати во периодот пред кризата пред истекот на 2022 година, предвидуваат аналитичарите на Европската централна банка (ЕЦБ).

Најголемата пречка за побрзо закрепнување, тврдат тие, е економската несигурност, што ќе ја забави побарувачката на пазарот и инвестициите на подолг временски период и ќе ги зголеми заштедите.

Побрзо враќање на нивото пред коронакризата нема да следи дури и кога вакцината против КОВИД-19 ќе започне да се дистрибуира, бидејќи тој процес трае време. Се предвидува дека целата наредна година ќе се потроши во активности поврзани со вакцинирање на населението, но тоа не е единствената причина што ќе го забави закрепнувањето на економијата.

Долгорочните пречки за побрзо закрепнување првенствено се однесуваат на економската несигурност и падот на стандардите заради загуби на работното место, што значително ќе ја намали побарувачката и ќе ги зголеми заштедите. Од друга страна, неизвесноста ќе ги попречи инвестициите на пазарот на долг рок.

Индикаторите за тој затворен круг се веќе видливи. Податоците на Евростат покажуваат дека бруто домашниот производ (БДП) на Европската унија се намалува во текот на оваа година. Овој пад беше забележан во првиот квартал од оваа година, кога БДП беше помал за 2,7 проценти во споредба со истиот период минатата година.

Во вториот квартал, кога повеќето земји од ЕУ беа во карантин, падот изнесуваше дури 13,9 проценти. Иако европската економија „дишеше“ повторно во третиот квартал, падот во споредба со истиот период минатата година беше 4,3 проценти.

Сè уште нема податоци за четвртиот квартал бидејќи не е завршен, но со новиот бран во повеќето европски земји, јасно е дека економските резултати нема да бидат добри.

Економистите се многу претпазливи кога станува збор за поточни предвидувања за последниот квартал на оваа година, како и за првиот квартал од следната година. Многу ќе зависи од брзината на дистрибуција на вакцините, но и од однесувањето на потрошувачите.

Досегашните податоци покажуваат дека граѓаните веќе значително ја намалија потрошувачката и ги зголемија заштедите. Повеќето економисти сега веруваат дека ваквите трендови можат да траат со години, а аналитичарите од Европската централна банка се согласуваат со ваквите проценки.

 

Забрането превземање на содржината без претходно одобрение од редакцијата на БанкоМетар.мк