Од друга страна, експертите велат, не е доволно само колку расте економијата, туку и од каде доаѓа тој раст. Анализата на Фајнанс тинк покажува дека растот од 4,3 проценти во вториот квартал е силен, но неговата структура отвора прашања за одржливоста. Значаен дел од економската активност е поврзан со инвестиции и потрошувачка што директно или индиректно ги поттикнува државата. Во исто време, високиот дефицит го стеснува просторот во иднина растот да продолжи со исто темпо без дополнителен притисок врз јавните финансии.

„Прво, градежништвото е главно водено од растот на нискоградбата и специјализираните градежни работи, што може да се припише на изведбата на капиталните инвестиции на државата, на национално и локално ниво. Оваа активност е клучна за растот, но е проследена со висок буџетски дефицит. Второ, растот на личната потрошувачка и понатаму е одраз на растот на доходите, покрај од платите и кредитите на домаќинствата и на големиот раст на пензиите во последните две години, што доведе до притисоци врз пензискиот буџет. Со тоа, растот на БДП, во значајна мера, иако не целосно, е индуциран од буџетска потрошувачка која оневозможува доволна фискална консолидација.“

Позитивен сигнал, според Мицкоски, доаѓа и од надворешната трговија. Тој вели дека во првите седум месеци извозот растел побрзо од увозот, со што се намалувал трговскиот дефицит, а трендот бил особено изразен во јули. Увозот, според премиерот, дополнително го туркаат нагоре високите цени на нафтата и нафтените деривати, па нивно стабилизирање би можело дополнително да ја подобри покриеноста на увозот со извоз. За Мицкоски, и тоа е уште еден показател дека економијата влегува во, како што вели, поконсолидирана состојба.