РЕК Битола и РЕК Осломеј произвеле за приближно 40 проценти повеќе електрична енергија во првите седум месеци од годинава во споредба со истиот период лани.

Од ЕСМ информираа дека од јануари до јули 2022 година термоелектраните произведоа 1559 гигавајт часови електрична енергија, додека од јануари до јули 2021 година произвеле 1126 гигавајт часови. Зголеменото производство, велат, се должи на зголемениот ископ на јаглен во сопствените рудници, набавката на јаглен за дополнително производство, и подготвеноста и техничкото одржување на блоковите.

„Во истиот период, постигнато е да се намали потрошувачката на вода, односно производството на електрична енергија од хидроелектраните е намалено за 25% и нивото на акумулациите се држи на оптимална кота, со цел заштеда на хидропотенцијалот за следниот период, кога во текот на грејната сезона се очекува пораст на побарувачката и на потрошувачката на електрична енергија“, информира од Електраните.

ЕСМ ги поздравува владините мерки и препораки за штедење на електрична енергија, и смета дека истите ќе придонесат да се намали притисокот врз производните капацитети и да се растовари електро-енергетскиот систем во услови на високи цени на енергенсите и отежнато снабдување на пазарот со енергенси.