Европската комисија денеска ќе го открие својот конечен предлог правила за тоа дали гасот и нуклеарната енергија треба да бидат означени како зелени инвестиции во ЕУ, најави главниот портпарол на Комисијата Ерик Мамер. ЕУ се обидува повеќе од една година да ги заврши правилата за тоа дали гасот и нуклеарната енергија треба да бидат означени како зелени инвестиции во таксономијата на ЕУ, односно системот за дефинирање на инвестиции поволни за климата. Австрија, Данска, Шведска и Холандија ја повикаа Европската унија да не ги означува енергетските проекти за гас како зелени инвестиции.

Инвестициите во гас не треба да бидат означени како зелени, освен ако не испуштаат помалку од 100 грама јаглерод диоксид на киловат час, велат земјите. Европската комисија подготви планови кон крајот на минатата година за означување на гасот и нуклеарната енергија како зелени инвестиции, прашање што ги подели 27-те земји од блокот, бидејќи тие не се согласуваат за тоа како горивата треба да придонесат за промена на Европа кон чиста енергија.