Две милијарди евра се предвидени за боледувањата, и уште толку за набавка на заштитни маски и поддршка на болничкиот персонал.

Францускиот план за поддршка на економијата предвидува 300 милијарди евра на кредити, во момент кога пет милиони вработените се наоѓаат на работ на парцијална невработеност, јави дописникот на МИА.

 

 

Здравствената криза и мерките на ограничување низ кои минува Франција, како и многу други земји во светот, запреа една третина од економската активност на земјата и може да го чинат внатрешниот бруто домашен производ цели три отсто, односно 70 милијарди евра месечно. Со цел да се зачува економското ткиво и работните места, француската Влада предвиде ургентен план за поддршка, кој досега не е виден во поновата историја на земјата.

Ургентниот план за помош на економијата изнесува 45 милијарди вкупно. Од тоа 8,5 милијарди се наменети за финансирање на парцијалната невработеност. Оваа сума може да се зголеми, според министерот за финансии Бруно ле Мер. Тука е и фондот за солидарност од една милијарда евра месечно, кој ќе служи за финансирање на помошта од 3.500 евра за претпријатијата со помалку од десет вработени.

Две милијарди евра се предвидени за боледувањата, и уште толку за набавка на заштитни маски и поддршка на болничкиот персонал.

Одложувањето на уплатата на задолжителните давачки преставува напор од 35 милијарди евра за француската држава. Но тоа нема да се одрази на државните финансии, ако давачките бидат платени пред крајот на државата.

Околу 450.000 мали претпријатија, веќе побараа помош од фондот за солидарност до 3 април.

Државата дава гаранции за банкарски кредити во износ од 300 милијарди евра, досега невидена мерка, која треба да им дозволи на претпријатијата да ја зачуваат ликвидноста во наредните месеци. Овие кредити можат да бидат побарани од сите претпријатија, со исклучок на граѓанските компании за недвижности и финансиските установи. Кредитот е покриен од државата во текот на три месеци на обрт, и нема да се бара враќање на заемот во текот на една година.

Според националниот институт за економски и статистички студии ИНСЕЕ, 65 отсто од француската економија работела на 26 март. Односно загубени се 35 отсто од активностите. Најпогодено е градежништвото – 86 отсто, трговијата – 36 отсто, индустријата без прехранбената – 52 отсто, а земјоделството и прехранбената индустрија имаат намалување на активноста за само четири отсто.

Во моментов во Франција пет милиони лица од 470.000 претпријатија се на раб од парцијална невработеност, односно секој четврти невработен. Државата ја финансира парцијалната невработеност, што според властите би требало да спаси милиони работни места.

Државата деблокира и 65 милиони евра ургентна помош за бездомници, за прехранбени чекови и за финансирање на 7.800 места во хотелите за нивно сместување.