Економијата на Германија благо се намали во првиот квартал и падна во рецесија, покажаа ревидираните проценки на заводот за статистика, откривајќи силен инфлациски притисок врз личната потрошувачка. Сезонски и ценовно приспособениот бруто-домашен производ (БДП) падна во првите три месеци од оваа година за 0,3 отсто во однос на претходниот квартал, кога беше намален за 0,5 отсто, покажуваат новите проценки на Дестатис.

Првата оценка покажа стагнација на активност на почетокот на годината. Во однос на првиот квартал од минатата година, БДП е намален за 0,5 отсто во првите три месеци од годинава. Претходната проценка покажа пад на активноста од 0,1 отсто.

„Откако БДП се лизна на негативна територија веќе на крајот на 2022 година, германската економија забележа два негативни квартали по ред“, рече претседателката на Дестатис, Рут Бранд. Ако економијата се намалува два квартали по ред, економистите зборуваат за техничка рецесија.

Високата инфлација ја лиши економијата од поддршка за лична потрошувачка, покажуваат новите податоци. Личната потрошувачка е намалена за 1,2 отсто во однос на крајот на 2022 година, кога потона за 1,7 отсто. Домаќинствата во првите три месеци од годинава помалку трошеле за храна и пијалоци, облека и обувки и за мебел, посочуваат статистичарите.

Иако растот на цените во последно време е забавен, стапката на инфлација во април од 7,2 отсто се уште е висока. Позитивни импулси беа бруто инвестициите на компаниите и извозот, кои бележат пораст од 3,0 односно 0,4 отсто во однос на претходните три месеци.

Инвестициите во градежниот сектор се зголемени поради поволните временски услови и инвестициите на компаниите во опрема како машини, уреди и возила. Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Европската комисија очекуваат дека германската економија повеќе или помалку да стагнира оваа година, а германската влада предвидува раст на активноста од 0,4 проценти.