Германската економија, според многу експерти, е на раб на рецесија – со драстични последици. Што би значела рецесија во овој момент?

Експлозија на цените на енергијата, заладување на глобалната економија и опаѓање на куповната моќ поради високата инфлација: Според многу експерти, германската економија оди кон рецесија. Со оглед на ескалацијата на гасната криза предизвикана од тековното стопирање на испорака на гас преку гасоводот Северен тек 1, загриженоста е сѐ поголема. Дали е навистина неизбежен тежок пад? И што воопшто значи рецесија?

Надолен процес кој самиот се зајакнува

„Под рецесија се подразбира фаза во економскиот циклус во кој економијата паѓа, приходите се намалуваат и невработеноста расте“, објаснува за tagesschau.de Себастијан Дулин, директор на Институтот за макроекономија и истражување на конјунктурата (ИМК) во фондацијата „Ханс Беклер“. Овој надолен процес на извесен начин се самозајакнува, бидејќи невработените луѓе можат да купуваат помалку, што пак значи дека другите луѓе губат приход и работа.

Економијата е во таканаречена техничка рецесија кога брутодомашниот производ (БДП) се намалува во два последователни квартали, нагласува економистот. „Меѓутоа, техничката рецесија може да биде и многу слаба, со минус од 0,2 или 0,3 проценти. Тоа не е драматично“. Од друга страна, подраматично е ако БДП посилно падне, а падот трае подолго.

И покрај последиците од војната во Украина, германската економија сепак забележа изненадувачки раст во пролетта: од април до јуни, БДП порасна благо во споредба со претходниот квартал, за 0,1 отсто. Но, тоа сега може да се промени. Германскиот институт за економски истражувања (ДИВ) минатата недела објави дека во третиот квартал се очекува пад на БДП. „За жал, станува сè поверојатно дека во исто време ќе поминеме низ рецесија додека истовремено имаме висока инфлација“, вели економскиот експерт на ДИВ, Гидо Балди.

Високите цени на енергијата ги ослабуваат специјалните ефекти

Јенс Сидекум, професор по меѓународна економија на Институтот за компетитивна економија во Диселдорф (ДИЦЕ) на универзитетот „Хајнрих Хајне“, има сличен став: „Дефинитивно сметам дека ќе западнеме во рецесија во третиот и четвртиот квартал“. Тоа ќе беше случај дури и ако испораките на гас беа намалени на 20 проценти. Целосното запирање на Северен тек 1 ја направи целата работа уште полоша.

„Во моментов, прашањето веќе не е дали ќе имаме рецесија, туку колку лоша ќе биде таа“, нагласува за tagesschau.de економистот, кој е член на научниот советодавен одбор во сојузното Министерство за економија.

Дулин укажува на можноста за спречување на рецесијата: „Не е целосно исклучено да има прекин на огнот во Украина и Русија повторно да почне да испорачува гас. Тогаш би можела да се избегне рецесија.“ Ако тоа не се случи, веројатноста за рецесија е многу голема. Дали падот ќе започне уште во тековниов квартал не е јасно поради специјалните ефекти. „Летово луѓето повторно отидоа масовно на одмор и ги трошеа своите пари“, вели експертот на ИМК. Можеби тоа беше доволно за да се амортизира ударот од високите цени на енергијата.

„Летово имавме две спротивставени сили“, вели Сидекум. За време на пандемијата на корона, луѓето заштедија повеќе пари поради недостаток на опции за потрошувачка. Според наводи на Бундесбанката, меѓу април 2020 година и март 2021 година, Германците заштедиле дополнителни 70 милијарди евра на своите банкарски сметки. „Всушност, овие пари сега треба постепено да се вратат кај луѓето, што би обезбедило значително економско закрепнување. Но, сега се појавија шокови во цената на енергијата, што значи дека заштедите во голема мера исчезнаа“, објаснува економистот.

„Следните квартали ќе бидат многу тешки“

Досега, според Сидекум, компаниите не претрпеле премногу благодарение на големата потрошувачка на граѓаните, бидејќи фирмите можеле да ги пренесат своите зголемени трошоци за енергија врз грбот на клиентите во многу области, како што е гастрономијата. „Сега приватната потрошувачка ќе се намали, бидејќи струјата и гасот стануваат сѐ поскапи и сите полека го сфаќаат тоа“, вели економистот. „Ова ќе го почувствуваат компаниите, кои веќе не можат да ги префрлаат своите цени на овој начин.“

Расположението на потрошувачите во Германија неодамна падна трет пат по реди сега е на рекордно ниско ниво. Економскиот показател на истражувачите на пазарот од ГфК во Нирнберг за септември падна на најниска вредност од почетокот на собирањето податоци во 1991 година. На ова се додава и стапката на инфлација од 7,9 отсто, која многу луѓе ги соочува со значителни загуби во реалните плати и нивните заштеди.

„Во моментов го имаме рецептот за рецесија во втората половина од годината“, вели Сидекум. Некои компании, особено помалите, веќе се во егзистенцијални проблеми. „Следните квартали ќе бидат многу тешки, бидејќи зголемените трошоци за енергија – особено за греење – ќе стигнат до потрошувачите и тие ќе ја намалат потрошувачката на други места“, се плаши и Дулин.

Во исто време, компаниите сѐ повеќе ќе го намалуваат своето производство, бидејќи тоа едноставно нема да се исплати со оглед на високите цени на енергијата. Според истражувањето на Германската индустриска и трговска комора (ДИХК), 16 отсто од компаниите веќе планираат да ја намалат употребата на енергија, која стана скапа. „Веќе се произведува помалку во хемиската индустрија, на пример – и тоа и покрај многуте заостанати нарачки“, вели Дулин. Производството го прекина и еден од најголемите производители на ѓубрива.

Не се исклучува надолна спирала

Дополнително, заладувањето на глобалната економија има негативно влијание врз извозно ориентираната германска економија. Според ДИВ, војната во Украина, тесните грла во испораката, слабоста на глобалната економија и несигурноста која е резултат на сето тоа, ги намалуваат нарачките од една страна и ја попречуваат испораката на материјали и производствените процеси од друга страна. Исто така, расте стравот од колапс во снабдувањето со енергија во Германија.

Сидекум смета дека „најлош случај“ би бил акутен недостиг на гас: „Во најлош случај, зимата ќе биде студена, луѓето ќе загреваат многу и резервоарите за складирање гас, кои моментално се солидно полни, многу брзо ќе останат празни“.

Доколку Сојузната агенција за електрична енергија, гас, телекомуникации и железници мора да прогласи вонредна состојба поради празни резервоари, постои ризик од затворање на цели производствени гранки во индустријата. Дополнително, цените на енергијата би продолжиле да растат, а помалите продавници, на пример, нема веќе да можат да се отвораат, што за последица би имало работа со скратено работно време и евентуална невработеност. „Ако компаниите банкротираат и отпуштаат работници, неизвесноста на домаќинствата повторно се зголемува“, објаснува Сидекум. Тие би штеделе повеќе, би трошеле помалку, што пак дополнително ќе ја влоши рецесијата. „Не мора да дојде до тоа. Сепак, мораме да се соочиме со можноста од такво сценарио.“