По најавите дека со старо-новите мерки на Владата ќе има и драстично намалување на цените на дел од основните прехранбени производи, сликата од терен и денеска е поразлична.Во дел од маркетите низ земјава, денеска основните прехранбени продукти се поевтини.

Најголема разлика има кај маслото за јадење кое во дел од маркетите е поевтино за 7 денари, но некаде цената на истото останала непроменета.

Другите основни производи, како што се лебот, јајцата, брашното – поевтини се за 1, односно за 3 денари, пренесува „Сител“.

Граѓаните искрено велат дека не ја чувствуваат разликата во цените поради постојаното зголемување и намалување на вредноста на производите.

По Владината одлука да се намалат маржите на 5 и 10 отсто, денеска пазарните инспектори излегле на терен во проверка. Заклучокот е дека владината мерка се почитува од страна на трговците.

Од Влада велат дека замрзнувањето на маржата на одредени производи веднаш дало резултати, а дека цените се намалени за 5 до 10 отсто.

„Одлуката на Владата за замрзнување на маржата на одредени производи со цел ограничување на растот на цените, веднаш даде резултат. Цените на основните производи се намалени за 5 до 10 отсто. Корекција на цените се прави од денес, а ќе продолжи и во претстојните денови. Најголемо намалување се очекува кај маслото за јадење и до 10 отсто, понатаму кај тестенините, како и на сите други основни производи опфатени во владината одлука“ соопштуваат од Владата.

Инаку, корекција на цените се прави и денеска, а истата ќе продолжи и во претстојните денови. Најголемо намалување на цената се очекува кај маслото за јадење и кај тестенините (до 10 отсто), како и кај сите останати основни производи опфатени со владината одлука.

Замрзнувањето на маржата на основните прехранбени производи ќе важи до 30 септември, но од Влада посочуваат дека зависно од состојбата на пазарот ќе се разгледува можноста одлуката да се продолжи до крајот на годината.