Директорката на УЈП, Сања Лукаревска, во јавноста промовира нов финансиски инструмент – граѓанска обврзница, за кој вели дека може да ги зајакне економските текови во државата и може значително да им помогне на граѓаните.
Според директорката на УЈП, Сања Лукаревска, оваа мерка е предвидена во планот за забрзан раст, но наедно граѓанската обврзница е предвидена и за буџетот за 2023 година.
– Условите се веќе познати, тоа се рочност во период од две години, минималниот износ да е десет илјади денари и во буџетот ќе можат да се инкасираат околу 50 милиони евра – рече Лукаревска.
Таа појасни дека каматата ќе биде повисока отколку кај депозитите во банките, а пониска доколку државата се задолжи во странство.
– Државата добива слевање на приходи во рамките на буџетот, но тоа не значи дека сме имале слаба наплата или пополнуваме одредени други празни дупки. Ова е една олеснителна околност, а секако по првото испорачување ќе видиме каков ќе биде ефектот – потенцира Лукаревска.

Во истиот контекст, познавачите на економските состојби и конкретно на областа во која ќе функционира оваа нова алатка сметаат дека е „потребна голема внимателност околу целата работа со граѓанската обврзница“.
Според овластениот инвестициски советник Коста Костадиновски, луѓето треба да знаат дека купувањето на обврзниците има определени трошоци што треба да бидат земени предвид во калкулациите. Така, на пример, на нив треба да се смета при евентуално предвремено продавање на обврзниците.
Насоката во која ќе се движат работите, односно висината на каматната стапка ќе биде условена и од типот на аукцијата.

– Постои можност да има делумна реализација на купувањето доколку има преголем интерес од понуденото количество за продажба. Во таков случај можно е да има и намалување на каматата доколку Министерството се одлучи за таков вид аукција – вели Костадиновски.
Според него, иако на прв поглед се добива впечаток дека ова ќе го наруши комфорот на банките, Министерството овие средства ќе ги стави во оптек и тие повторно ќе завршат кај банките.
– Банките, според мене, се во неутрална позиција. Инаку, добитник од ваквиот инструмент ќе биде пазарот на капитал, односно берзата, бидејќи ќе се стави во оптек инструмент што претходно не бил толку популарен – изјави во јавноста овластениот инвестициски советник Коста Костадиновски.