Стартува реализацијата на четвртиот пакет антикризни мерки, откако беа изгласани законите со кои фирмите со загуби поради ковид пандемијата повторно ќе добијат поддршка од државата за исплата на плати за октомври, ноември и декември годинава.

Поддршката по вработен ќе изнесува од 14.500 до 21.776 денари, односно до 17.410 денари кај самостојните вршители на дејност. Рокот за поднесување барања е до 10 во месецот, а поддршката ќе се исплаќа до 15 во тековниот месец за претходниот месец.

За мерката Викенд без ДДВ, како што најави вчера министерот за финансии Фатмир Бесими, исплатите треба да започнат од следната недела, а помошта на ранливите категории со по 6.000 денари, ќе се исплаќа од следниот месец.

По усвојувањето на ребалансот на Буџетот минатата недела, во наредниот период треба да се донесат уште законски решенија за да може да се процесуира најавената поддршка од 470 милиони евра од четвртиот пакет мерки.

„Градиме партнерски однос со стопанството, 70 милиони евра ќе бидат наменети за поддршка на 83.000 работни места и субвенционирање на вкупно 250.000 плати за месеците октомври, ноември и декември во висина од 14.500 до 21.776 денари. Финансиска поддршка по 6.000 денари ќе добијат 283.000 граѓани. За оваа намена државата обезбеди 27,6 милиони евра кои повторно ќе се вратат во стопанството. На овој начин се стимулира потрошувачката на домашни производи и услуги“, напиша премиерот Зоран Заев во објава на Фејсбук.

Законите за финансиска поддршка на работодавачите и самостојните вршители на дејност за исплата на плати што ги усвои пред неколку дена Собранието, се дел од 12 закони и законски измени за  примена на 22 од вкупно 31 мерка од четвртиот пакет помош, што се во надлежност на Министерството за финансии. Од тие 12 закони, три се веќе усвоени, а останатите се во собраниска процедура или се изготвени и се ставени на јавна консултација на ЕНЕР.

Според Бесими, со мерката за поддршка на платите ќе се заштитат десетици илјади работни места и илјадници ќе го задржат истото ниво на плата.

Условите за поддршка за платите ги објасни директорката на УЈП, Сања Лукаревска.

За да ја добијат поддршката фирмите треба електронски да поднесат барање преку e-tax до 10 месецов, а  Управата за јавни приходи ќе одговори за комплетноста на барањето најдоцна за три дена. Треба да исполнат повеќе услови, меѓу кои да има има намалени приходи од април до септември, односно октомври и ноември годинава зависно од месецот за кол аплицра за плата. Бројот на вработени во месецот за кој се бара финансиска поддршка треба да е ист или поголем во однос на бројот на вработени заклучно со август годинава со исклучок на оправданите основи за престанок на работен однос. Еден од условите е работодавачот да не исплатил и да не исплаќа дивиденда и награда за деловна успешност или друг вид годишна награда.