EUR-USD1Девизниот курс на еврото во однос на доларот на меѓународните девизни пазари се спушти под 1,07 $, откако шефот на Европската централна банка (ЕЦБ), Марио Драги, сигнализираше подготвеност на централната банка за понатамошни потези во монетарната политика, предупредувајќи на слабите изгледи за опоравување на инфлацијата во евро-зоната.

Еврото за само 15 минути по објавањето на текстот од говорот на лидерот на ЕЦБ подготвен за излагањето пред Комисијата за економија на Европскиот парламент за момент падна на 1,0691 $. Во подоцнежните тргувања се стабилизира на 1,0720 $, што значи пад од 0,2 проценти во однос на предходниот ден. Американската валута во однос на јенот остана непроменета на 122,91 ¥.

Марио Драги во излагањето истакнува дека ЕЦБ на редовна месечна седница во декември ќе го преиспитаат тековната монетарна политика. Притоа предупредува за влошените изгледи во однос на зајакнувањето на инфлацијата во еврозоната.

Најновите изјави на лидерите на Европската централна банка ги поддржаа очекувањата на пазарот дека во декември дополнително може да се намалат каматните стапки на банкарските депозити кај централните банки и евентуално да се зголеми или прошири постојната програма.

По ваквите изјави паднаа приносите на германските државни обврзници на 0,6 проценти, додека акциите на големите европски берзи зајакнаа.