Централните банки ширум светот ги забрзуваат своите активности за воведување дигитални валути. Тие го прават тоа за да одговорат на забрзаната дигитализација и појава на криптовалутите, со тоа што повеќето веќе спроведуваат некои активности во областа.

На почетокот на годината, Банката за меѓународни порамнувања (БИС) објави истражување според кое 86 проценти од 65 анкетирани централни банки велат дека вршат некои активности за развој на дигиталната валута на централната банка, без разлика дали е истражување, развој на концепт или развој на пилот проект. Скоро 15% од нив веќе одат во насока на пилот проект, пишува Seebiz.

Неодамна, Европската централна банка (ЕЦБ) објави дека, имајќи ја предвид забрзаната дигитализација, промените во начините на плаќање и појавата на криптовалутите, ја истражува можноста за издавање на дигиталното евро, како додаток за готовината и решенија за плаќање обезбедени од приватниот сектор.

По јавната консултација што заврши во средината на јануари, ЕЦБ сега ќе разгледа дали да започне проект за дигитално евро во средината на годината. Таквиот проект ќе се осврне на клучните дизајни и технички проблеми и ќе и обезбеди на ЕЦБ потребни алатки за да биде подготвена да издаде дигитална валута откако ќе се донесе одлука.

Заменик гувернерот на италијанската централна банка Пјеро Чилопоне за CNBC во петокот изјави дека зголемениот фокус на централните банки кон дигиталната валута произлегува од општата промена на луѓето спрема готовината, додавајќи дека тоа „може да ја наруши една од основните функции на централните банки“ – издавањето пари .

„Во средина каде готовината се помалку се користи и од потрошувачите и од трговците, бидејќи целиот екосистем се движи кон дигитализација, ние сакаме да ја замениме функционалноста на готовината со нешто дигитално, но концептуално за да бидеме што е можно поблиску до готовината“, изјави Чиполоне.

Беноа Кер, поранешен член на ЕЦБ и сега шеф на центарот за иновации во БИС, вели дека дигиталната валута на централните банки треба да се смета како еден вид пари што централните банки ги издаваат за да се прилагодат на новата, модерна инфраструктура.

Сепак, намалувањето на употребата на готовина не е единствената причина зошто централните банки се движат во насока на дигитална валута, пишува Seebiz.

Грант Вилсон, директор на консултантската компанија „Ексанте Дата“ за азиско-пацифичкиот регион, изјави за Си-Ен-Би-Си дека значителен дел од истражувањето поврзано со дигиталните пари во централните банки се интензивира откако Фејсбук се приклучи на проектот „Libra“, за кој рече дека има потенцијал да предизвика системски импликации на финансискиот систем. Тој верува дека во тој момент централните банкари почнале да сфаќаат дека се во опасност и заклучиле „ако не можеме да ги победиме, да им се придружиме“.

Во спротивно, дигиталните валути на централните банки би имале корист од истата технологија што ја користат приватните крипто-валути, овозможувајќи брзи плаќања, побрзи порамнувања и пониски трошоци за трансакции, особено при вршење на прекугранични плаќања.

Исто така, експертите веруваат дека тие ќе обезбедат финансиска инклузија, продирајќи во деловите од населението што немаат сметки во банка. Но, за разлика од приватните криптовалути, дигиталните пари на централните банки ќе бидат централизирани и секоја единица дигитална валута ќе има иста вредност како монетарната единица.

Засега нема консензус за тоа како би се издавале дигиталните пари на централните банки. Истражуваат две форми – големопродажба (што ќе ги издаваат само финансиски институции за нивната финансиска инфраструктура) или малопродажба, во кои дигиталната валута ќе биде достапна за пошироката јавност. Сепак, одлуката за тоа сè уште не е готова, бидејќи досега сè е само во рана фаза на разгледување на техничките барања со цел таквите валути да станат воопшто оперативни.