Со знакот на зеленото знаменце на премиерот Димитар Ковачевски денеска кај ТИРЗ Прилеп стартуваа градежните машини, со што беше означен почетокот на подготвителните работи за изградба на автопатот Прилеп-Битола кој ќе го гради американско – турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“.

А беше откриена и табла за почетокот на изградбата на автопатот кој треба да биде долг 39,3 км. и да биде завршен за 57 месеци. И засега само овие 2 податоци се знаат за овој автопат, друго ништо. Неговата цена колку ќе чини, како и други работи поврзани со истиот, не се соопштени. Премиерот Ковачевски истакна дека со изградбата на 4 автопатски делници од коридорите 8 и 10д се отворале 8.000 нови работни места и раст на БДП од 2% годишно.

„Нашата држава конечно од кружен тек на Балканот станува вистинска крстосница на Балканот, инвестиција со која Северна Македонија ја позиционираме на економската и инфраструктурната карта на Европа. Не само што ги поврзуваме градовите и регионите, туку  и ја поврзуваме нашата држава со околните држави и со светот со модерна патна инфраструктура која ќе привлече туристи, но и странски инвеститори со што ќе се подобри имиџот на нашата држава во светски рамки“, истакна Димитар Ковачевски, премиер.

Првиот заменик на пак претседателот на Владата, Артан Груби, рече дека никој повеќе не можел да го кочи напредокот на Македонија и дека со овие проекти бил ставен крај на заложништвото на Собранието и граѓаните и никој не можел да го запри возот кој одел за Брисел.

„Ниту Мицковски, ниту Свети Мицко може да го запре овој проект и сите влади, а следната влада секако ќе биде истата како што е оваа денес, ќе го заврши овој проект, ќе ги пресече лентите и сите граѓани ќе се возат по нив“, додаде Артан Груби, прв заменик на претседателот на Влада.

Од „Бехтел и Енка“ со нетрпение чекале да започне работата на автопатите.

„Преку овој регион се поврзуваме со Хрватска, со Косово, Албанија, Србија, а сега овде и со Северна Македонија, вклучувајќи локална работна сила и добавувачи“, изјави Џастин Сиберел, претседател на Бехтел и Енка за Европа, Африка и Блискиот Исток.

Беше истакнато огромното економско значење накоридорите 8 и 10Д, како од македонските власти така и од претставниците на дипломатскиот кор.

„Реализирајте ги вашите бизнис планови, инвестирајте овде, а државата преку реализацијата на ваквите проекти ви помага да бидете поконкурентни и поуспешни“, кажа Благој Бочварски, министер за транспорт и врски.

„Нам како држава ни овозможува поврзување со 2 пристаништа, едно во Бургас во Република Бугарија, другото во Драч во Република Албанија“, вели Ејуп Рустеми, директор на Јавно претпријатие за државни патишта.

„Овие проекти создаваат работни места и ја подобруваат конкурентноста на приватниот сектор“, изјави Ерик Мајер, заменик шеф на мисијата на амбасадата на САД.

„Северна Македонија која со својата географска положба е позиционирана врз еден стратешки коридор каде се вкрстуваат оските на исток и запад, и север и југ го зголемува својот капацитет во областа на транспортот“, потенцираше Хасан Мехмет Секизќок, амбасадор на Турција во Македонија.

Инаку се уште е во тек комисиската расправа за 5-те владини закони поврзани со Коридорите, кои сега се по втор пат пред пратениците, но овој пат со европско знаменце и скратена постапка.