Коста Петров заминува од директорската позиција во Фондот за иновации и технолошки развој. За одлуката сподели сам, со објаснување што сѐ направил за нешто повеќе од една година. Тој му се заблагодари на тимот со кој работел и посочи дека се повлекува и од функциите во СДСМ, односно од политиката.

„Воедно, ова е и моја последна активност како директор на Фондот за иновации и технолошки развој. Голема благодарност до сите наши партнери, корисници, интернационални организации и членовите на Националниот стартап-совет за безрезервната поддршка овие 14 месеци. Најголема благодарност до моите колеги од ФИТР за рекордните успеси во 2021 година“, напиша Петров.

Тој доставил и оставка до СДСМ од потпретседателската функција.

„Уште еднаш огромна благодарност до сите за поддршката! Со оставката што денес ја доставив до Централниот одбор на СДСМ, по две и пол години, и официјално го завршувам ова мое политичко патување. Бескрајно сум благодарен за научените лекции. Време е за нови предизвици! Се гледаме на врвот!“, додаде тој.