Ковачевски најави дека до 2023 ќе се намали персоналниот данок од 10 на 0 отсто, што ќе биде силен стимул за младите што повеќе да се насочат кон овој сектор.

Нема да се плаќа персонален данок во ИТ секторот од наредната година. Премиерот Димитар Ковачевски денеска најави дека до 2023 ќе се намали персоналниот данок од 10 на 0 отсто, што ќе биде силен стимул за младите што повеќе да се насочат кон овој сектор каде од ден во ден се потребни сè повеќе работници.

„ИКТ секторот во Северна Македонија во последните години бележи постојан раст во однос на бројот на компании и вработени, раст на извозот и на приходите. Нашите заложби насочени кон натамошно подобрување на условите за работа и растот на оваа индустрија ги преточивме во конкретни мерки на барање на секторот“, рече Ковачевски денеска при посета на една стартап компанијата.

Ковачевски најави дека до 2023 година, се предвидуваат и други стимулативни мерки во ИКТ секторот. Освен намалување на персоналниот данок од сегашните 10 отсто на 0 отсто, се предвидува ослободување од данок за преквалификација, обука, дообука во компаниите, ослободување од данок од трошоците кои се прават за лиценци за ИТ индустријата.