По 2.620 евра. Толку должи секој граѓанин на Македонија, ако нето надворешниот долг на земјава се пресмета по глава на жител. На крајот на јуни Македонија кон странство имала долг од 4 милијарди и 763 милиони евра.
За само три месеци сумата пораснала за уште 30 милиони евра. Тоа, секако, не значи дека секој граѓанин лично има долг од 2.620 евра. Бројката покажува колкав е нето надворешниот долг кога вкупната сума ќе се распореди по глава на жител. Но задолжувањето станува поважно ако се погледне од каде доаѓа дел од сегашниот економски раст. Поранешниот министер за финансии Никола Поповски вели дека голем дел од растот во моментов го влече градежништвото, пред сè изградбата на големите инфраструктурни проекти финансирани со пари од странство. Според него, проблемот е што таквиот мотор на економијата нема да работи бесконечно.
А инфраструктурата што сега го подига градежништвото, според Поповски, во најголем дел се реализира со странски кредити. Тој предупредува дека со продолжување на ваквиот модел ќе расте и јавниот долг, но и сумата што секоја година мора да се издвојува од буџетот само за негово сервисирање. Поповски проценува дека каматите веќе се приближуваат до два проценти од БДП. Практично, колку повеќе пари се позајмуваат денес, толку поголем дел од идните буџети ќе биде врзан за отплата на обврските што веќе се направени.
Но задолжувањето не расте само кон странство. Истовремено сè повеќе кредити земаат и компаниите и домаќинствата. Во август вкупните кредити биле за 13,6 проценти поголеми отколку една година претходно, додека депозитите пораснале за девет проценти. Кај компаниите разликата е уште поголема. Кредитите пораснале за 15,1 процент, а депозитите за 6,1 отсто. Сè повеќе се задолжуваат и граѓаните. Кредитите на населението за една година пораснале за 12,3 посто. Најбрзо растат станбените, за 16,2 проценти, додека потрошувачките кредити се зголемиле за 12,2 отсто.
Значи, растат и долговите кон странство и кредитите дома. Самото задолжување не мора да биде проблем ако позајмените пари создаваат нови приходи, производство и економска активност. Но бројките го отвораат клучното прашање, дали економијата расте доволно брзо за утре без проблем да ги носи долговите што ги создава денес.