Во просториите на Едукативниот центар М6, КаСис АД Скопје, единствениот процесор од областа на картичното работење, електронска трговија и сертифицирано биро за персонализација на картички, одбележа 15 години развој и иновации во системот за е-трговија.

Во ноември 2007 година беше реализирана првата трансакција со платежна картичка во  е-продавница на системот за електронска трговија cPay на КаСис. Во 15-те години по првата екомерц трансакција КаСис изгради долготрајното партнерство со три банки, 2 финансиски друштва, 1100 е-трговци, а резултатот се над 5.500.000 трансакции.

На настанот присуствуваа пионерите во доменот на е-трговијата, претставници на Телеком, А1, Дајнерс Клуб, Кроација, Македонска банкарска асоцијација, Македонска асоцијација за е-трговија, Комерцијална банка, НЛБ, Стопанска Банка, Уни Банка, финансиски друштва, компании со најуспешните е-продавници итн.

Присутните ги поздрави Филомена Пљаковска-Аспровска , претседателка на Управниот одбор и главна извршна директорка на КаСис АД Скопје, која се осврна на постигнувањата на компанијата особено во доменот на едукација на граѓаните за користење на електронските платежни канали, иновациите кои КаСис секогаш ги носи на македонскиот пазар и безбедноста на трансакциите како врвен приоритет.

Пред 15 години си поставивме цел да ги едуцираме корисниците, да изградиме доверба и сигурност за онлајн купување и слободно и масовно користење на картичките во е-трговијата. Довербата во картичката како инструмент за плаќање беше и се уште е главен императив во промовирање на секој нов сервис и иновација.

Најважно е купувачите и имателите на картички да се чувствуваат сигурни при оставање на своите податоци и податоците за своите картички во интернет просторот ослободени од мислата за можна злоупотреба. Од самиот старт па до денес, безбедноста ни е приоритет со кој никогаш не правиме компромиси.

Платформата за е-трговија е сертифицирана за актуелните безбедносни протоколи за автентикација, 3DS 1.0 а во моментот и со најновиот 3DS 2.0. – рече Пљаковска Аспровска во своето обраќање.