Да не се европските фондови, кој знае кога македонските научници, особено младите, би добиле можност да се занимаваат со научно-истражувачка дејност. Според податоците на Технолошко-металуршкиот факултет, последното значајно опремување на истражувачките лаборатории било во 2010 година, кога биле потрошени околу 23 милиони евра распределени на 80 лаборатории низ земјава. Токму затоа денеска во Скопје беше претставен националниот секретар на Европскиот институт за иновации и технологија (ЕИТ) во Македонија.

Универзитетите во Македонија се најмногу фокусирани на образованието, а многу помалку на истражувањето и иновацијата. Според резулттите од студијата „Патоказ за истражувачката инфраструктура на Северна Македонија“ од вкупно 70 истражувачки лаборатории/институти, кои лани биле консултирани за изработка а оваа студија, 20 поседуваат истражувачка опрема во вредност од над 50.000 евра. Опремата главно се наоѓа на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Институтот за напредни композити и роботика од Прилеп е единствената приватна истражувачка институција која поседува истражувачка опрема вредна над 50.000 евра. Вкупната набавна вредност на целата опрема вредна над 50.000 евра се проценува на околу 15 милиони евра намалена за онолку колку што е амортизирана таа опрема со текот на времето. Просечната старост на опремата за истражување е 9 години.

Сакаме здрава храна и земја без отпад со истражувачка опрема стара повеќе од 20 години

Додека државите на Европската унија (ЕУ) се стремат парите за истражување и развој да стигнат до 3 отсто од бруто-домашниот производ (БДП), во Македонија, овие бројки постојано опаѓаат.  Во 2014 година за истражувања и инвоации биле издвоени 0,5 отсто од БДП, за да преку 2018 па до 2020 година таа бројка да падне на 0,3 отсто од БДП.

Во ера во која светот става сѐ на една карта за да обезбеди здрава храна и чиста вода за пиење, истражувачите од лабораторијата за прехранбена технологија и биотехнологија при Технолошко-металуршкиот факултет од Скопје работат со опрема стара најмалку 13 години.

Проф. д-р Весна Рафајловска вели дека опремата се амортизира многу бргу и затоа повеќе од потребно е нејзино осовременување. Дел од неа, ја добиле преку Темпус програмата околу 2000-та година.

весна

„Без опрема не можеме да направиме ништо. Во однос на опремата, дел имаме добиено од државата, но многу голем дел сме успеале да обезбедиме преку проектите коишто сме ги работеле во минатото и проектите кои ги работиме сега. Меѓутоа, тоа не е многу.  Сепак треба да имаме поголема поддршка од нашата држава и од фондовите коишто постојат за да обезбедиме апарати кои ќе ни овозможат на многу полесен, поедноставен и она што е најважно, поточен начин да го добиеме резултатот кој ќе ни каже дали храната е безбедна или не е безбедна“, вели професор Рафајловска.

Осовременување на опремата е потребно час поскоро и затоа што тоа ќе значи можност за младите македонски научници да можат да се натпреваруваат со колегите во светот но и да бидат конкурентни на странските пазари.

лабораторија за храна

„Сакаме да можеме да добиеме опрема којашто ќе биде многу пософистицирана. Наместо да  работиме на оваа опрема по неколку часа, софистицираната опрема ќе го даде резултатот за пократко време и ќе можеме побрзо да го добиеме резултатот бидејќи во одредени моменти е потребен брз и точен резултат. Тоа можеме да го постигнеме со опрема којашто ќе биде понова затоа што инструментите по година-две губат од својот квалитет во однос на перформансите па и во однос на самото работење. Осовременувањето на опремата ни е многу потребно“, додава Рафајловска.

Повеќе наука и иновации повеќе пари во бизнисот

Дополнителен проблем на македонските истражувачи и иноватори е фактот што Националниот совет за високо образование и научно истражување нема донесено нова Национална програма за научно-истражувачка дејност. Но затоа е тука Европскиот институт за иновации и технологии (ЕИТ), независно тело на Европската Унија (ЕУ) кое ги поттикнува иновациите низ Европа со здружување на организации од бизнисот, образованието и истражувањето. Токму ваква поддршка доби Катедрата за индустриско инженерство и менаџмент при Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје каде веќе функционира новата лабораторија каде студентите веќе успеале да изведат неколку експерименти.

слф

Бојан Јованоски, вонреден професор при Машинскиот факултет во Скопје вели дека современата опрема е од круцијално значење во спроведувањето експерименти и реализацијата на разни проекти.

„Оваа лабораторија ќе претставува место за експериментирање на различни хардверски и софтверски решенија коишто понатаму би можеле да најдат примена во самата индустрија. Исто така, ќе биде и тренинг центар за млади, но и за повозрасни луѓе во нивно дообразување и стекнување нови вештини коишто ќе бидат потребни во индустријата. Веќе имаме соработка со неколку фирми кои нивната потреба за нови вештини ќе ја реализираат тука преку тренинзи коишто ќе бидат наменети и креирани специјално за нив. Благодарение на софистицираноста, новата лабораторија ќе ја направи оваа катедра поатрактивна за соработка пред бизнис секторот кој во партнерство со професорите и нивните студенти ќе може да развие нови технологии и решенија за индустријата. Благодарејќи на оваа опрема веќе имаме дополнителни проекти добиени, со што овие 5-6 модули добиени досега ќе бидат надополнети со нови 19 модули и така оваа опрема ќе биде надополнета и ќе можеме да извршуваме најразлични експерименти во неа,“, објаснува Јованоски.

бојан

И покрај предизвиците истражувачите од овие факултети успеваат да изнајдат начин како да соработуваат со компаниите и како да придонесат за развој на бизнисот.

„Периодично одржуваме средби со бизнис секторот и ги прашуваме што им е потребно за да може да направиме корекција при акредитација на наставните програми. Ако каже бизнис секторот „нам ни е потребен тој профил“ односно од таа технологија, ние правиме измена во студиската програма и ја насочуваме технологијата што треба да ја изучуваат за да можат да работат во соодветната компанија којашто има потреба. На овој начин студентите добиваат дополнителни знаења затоа што, за да можат правилно да го изведат технолошкиот процес тие мора да ја познаваат и економијата. Покрај тоа, имаме заеднички проекти кои се однесуваат на нивните потреби пред сè за решавање на некој проблем кој им е наметнат“, вели професор Рафајловска.

Националниот секретар на ЕИТ надеж за македонсските истражувачи и иноватори

Пристапот до истражувачката инфраструктура е важен за поврзување на истражувачите во одредена научна област и деловниот сектор, согласни се универзитетските професори.

Затоа во Скопје, за првпат во Западен Балкан беше назначен и промовиран Национален секретар за поддршка на делувањето на Европскиот институт за иновации и технологија – ЕИТ.

За Национален секретар за Македонија е именуван Александар Стамболиев чија задаче ќе биде да ги води операциите на новиот центар во Скопје. Тој најави дека во следните три години тука ќе доаѓаат делегации кои ќе ги претстават своите инструменти пред домашната академска заедница, но и пред компаниите.

стамболиев

На овој начин, македонските истражувачи ќе можат да имаат бенефит од европскиот пазар на иновации.

„Ние сме многу среќни и сме големи ентузијатсти дека почнуваме во Скопје. Очекуваме новоизградени потфати, особено научни. Очекуваме дека Македонците ќе имаат бенефит од сите можности кои доаѓаат од Европа“, вели Марта Кацзмарек, претставничка на ЕИТ.

Заедницата на ЕИТ би сакала да понуди најдобри шанси за сите европски таленти да придонесат за европските иновации, независно од кој екосистем доаѓаат. Ако талентите доаѓаат од иновативен екосистем кој нуди помалку можности, треба да им понудиме уште поголема поддршка за да се осигураме дека може да успеат, истакна Бенс Хуба, директор на Регионалната мрежа на иновации на ЕИТ на денешната промоција на Националниот секретар за Македонија за поддршка на ЕИТ.

Според ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје, проф. д-р Никола Јанкуловски, Стратегијата за паметна специјализација на Македонија, која е во фаза на финализирање, треба да обезбеди модерен пристап кон економскиот развој, особено во „паметното“ земјоделство и преработката на храна со висока додадена вредност.

„Подготвени сме да го ставиме на располагање целиот наш капацитет за имплементација на оваа стратегија и да придонесеме не само со нашите научни и истражувачки потенцијали, туку и во поширок општествен контекст. Во таа насока, веќе направивме сериозни чекори за развој на студиски програми и истражувачка инфраструктура кои би придонеле за развој на националните капацитети во спроведувањето на стратегијата“, рече Јанкуловски.

Според потпретседателот на Стопанската комора на Македонија (СКМ) Орце Симов, зголемување на бројот на иновации очекуваат и од Сојузот на стопански комори на Македонија.

„Се надеваме дека во наредниот период, ЕИТ ќе го забрза и зголеми бројот на иновации преку своите активности, со што ќе обезбеди поголема додадена вредност, конкурентност и профитабилност за компаниите во земјава. Очекуваме соработката меѓу деловните субјекти, образовните институции, истражувачките институти и организациите да се зајакне за да се постигнат овие цели. Очекуваме брзо прилагодување на неопходните законодавни регулативи на новонастанатите глобални услови“, изјави Симов.

Центарот во Македонија е првиот, од регионални центри што се планирани да се отворат во следните три години, во Кипар, Малта, Црна Гора и Украина.