Во понеделник во хотелот DoubleTree by Hilton во Скопје под покровителство на МАТТО и збратимената Стопанскa и индустриска комора на Фетије, ФТСО ќе се одржи работна средба за соработка во областа на туризмот помеѓу Република Северна Македонија и Фетије, Република Турција, најавија од МАТТО.

Како што се вели во најавата целта на овој настан е воспоставување на соработка помеѓу членките на коморите и туристичките агенции од двете земји во насока на зголемување и развој на туристичкиот сектор, како важен сегмет на економијата на двете земји. Ќе бидат претставени туристичките потенцијали на Македонија која располага од одлични услови за планински, зимски, езерски и рурален туризам и туристичките потенцијали на регионот Фетије, како еден од најатрактивните туристички региони во Турција.„Искористувајќи ги сите овие потенцијали на нашите две земји и создавајќи нови мостови на соработка ќе ги унапредиме уште повеќе нашите трговски и економски односи. Со учеството на претставниците на аеродромскиот оператор во Скопје, ТАВ Македонија и аеродромот YDA Даламан се очекува реализација и воспоставување на авиолинија Скопје – Даламан“, се вели во најавата.

Настанот ќе го отвори претседателот на УО на МАТТО, Ајдован Адемоски, а поздравно обраќање ќе има исто така и претседателот на УО на ФТСО, Осман Чирали. Предвидени се презентации за состојбата во турзимот и анализа на можностите за развој од страна на двете комори, како и Б2Б средби на членките.

Претставниците од туристичкиот сектор на двете земји ќе можат директно да преговараат и да ја договорат понатамошната соработка во насока на зголемување на развојот на трговските и економските односи на Македонија и Турција.