Интересот за викендичките на планинските места и покрај езерата во екот на пандемијата е нагло зголемен. Купувачи има многу, понудата е се послаба, а цените вртоглаво растат

„Менувам стан во Скопје за викендичка во Охрид“. Ваков оглас, кој на прв поглед на многумина ќе им делува чудно, деновиве може да се забележи на интернет страниците каде се продаваат и купуваат недвижности во Северна Македонија. По дводецениското празнење на помалите градови од внатрешноста на земјата и забрзаната миграција од селата кон поголемите градови, особено главниот административен центар – Скопје, пандемијата се чини не само што поттикна некои обратни процеси, туку доведе до огромна побарувачка на недвижности во западниот дел на земјата, каде се бара квадрат повеќе, а за цена речиси и не се прашува. Ако до пред неколку години се распродаваа станови по багателни цени во помалите градови, особено во туристичките места како Охрид, Струга кои се испразнија поради масовното иселување пред се на младите, последнава година е вистинска јагма да се купат станови долж крајбрежјето, каде цената, верувале или не, достигнува и до фантастични 1.700 евра за метар квадратен.
Поттикнати од невообичаениот оглас објавен на специјализираните страници за продажба на недвижности, се обидовме да дојдеме до одговори на неколку прашања: станува ли Охрид повторно најтрактивна дестинација за вложување на заштедите од под перница, реален ли е вртоглавиот пораст на цените на становите, или ли доволно недвижности кои се нудат на пазарот, кои се најатрактивните локации на кои македонските граѓани се подготвени да инвестираат во нов стан, куќа или викендичка.

Вртоглав пораст на цените

Интересот за помалите градови, викендичките на планинските места и покрај езерата во екот на пандемијата е нагло зголемен, купувачи има многу што се должи и на кризата со Ковид-19, но и поради желбата да се избега од големите градови и загадувањето особено во зимските месеци. Сите што имаат макар и мала заштеда се обидуваат да ја вложат во недвижнини, а кон тоа придонесуваат и поповолните кредити коишто изминативе години почнаа да ги нудат банките, со што граѓаните полесно се решаваат да се задолжат за да купат имот надвор од Скопје.
Вртоглавиот пораст на цените на станови е резултат на повеќе фактори – најпрво не се гради толку многу нови објекти, како што се градеше претходно, има еден застој во градежната експанзија, но воведен е и мораториум за градење во одредени општини. Инвеститорите објаснуваат и дека пораснале цените на градежните материјали, што автоматски повлекува и зголемување на продажната цена.
Цените се кренати до небо во Охрид и Маврово, каде се бара квадрат повеќе. Ако до пред неколку години во Охрид можеше да се купи стан по цена од 750 евра за квадрат, сега тоа е научна фантастика, дури и за старите градби коишто се наоѓаат на влезот на градот. „Сега во Штип е тешко да се најде стан за цена под 950 евра за квадрат, а за Охрид пак и да не зборуваме“, велат агентите за продажба на недвижности.

Јагма е и за викендички во Маврово, кое повторно станува една од најатрактивните локации на кои се бараат веќе изградени објекти, или пак плацеви за изградба на викенд куќа. „Цената на становите се движи од 900 до 950 евра, додека плацеви се нудат по цена од 70 па до 160 евра за квадратен метар. Нема слободен плац во најатрактивните делови за градба, се бараат локации и на поодалечените места“, велат од Новел недвижности од Скопје.
Овој тренд се очекува да продолжи во наредните година – две. Се бара плац повеќе, ексклузивните локации одат како алва, па веќе не се ни бира дали ќе се земе подалечен плац. Секаде каде што ќе се најде слободен простор се става бетонски столб, се оградува и наскоро никнуваат нови викендички, кои во време на епидемијата често стануваат и домови за живеење.
„За 900 евра од квадратен метар повеќе не можат да се најдат станови ниту во внатрешноста на земјата“, коментираат агентите за продажба на недвижности.

Пораст на квадратот за 100 до 300 евра

Центарот на Скопје и населбата Карпош и понатаму се најатрактивни за купување на недвижен имот во главниот град, каде цената се движи од 1350 евра за квадрат па нагоре за нови градби. Цената за постарите градби е околу 1200 евра за квадрат. Во скопски Аеродром цената е за нијанса пониска и се движи околу 1100 евра за квадрат, на другиот крај на градот во Ѓорче Петров е околу 900 евра, додека во Маџари се продаваат станови за 820 евра по квадрат.
Од скопската агенција Бастион, велат дека пандемијата неочекувано ја зголеми продажбата на недвижен имот. Очекувањата дека кризата ќе ги сопре процесите не само што се покажаа погрешни, туку се распродаде се што беше понудено на пазарот. „Има огромен број на станови коишто се продадоа во изминативе две години. Цените се движат од 1.150 евра во скопската населба Аеродром, па се до 1.700 евра квадратен метар во Охрид, цени кои досега звучеле неверојатно“, вели сопственичката на агенцијата за недвижности Бастион, Донка Филиповска.

Во просек по 100 евра се покачени цените во приградските населби, додека во централните подрачка квадратот рипна и за 300 евра. Цените доживеаја најбрз раст во Охрид, каде се продаваат објекти покрај езерото и за 1.700 евра од квадратен метар, како да се покрај море. Граѓаните приклештени поради Ковид-19, којшто ги оневозможи да заминуваат надвор од земјава, особено во Грција, сега сиот капитал и инвестиции ги насочуваат во С. Македонија. И Охрид како една од најтрактивните домашни туристички дестинации, повторно се најде на врвот на листата на која е поголема побарувачката од продажбата на недвижности.
„Неможејќи да инвестираат надвор, сите се вратија кон Охрид и Маврово, бараат да купат станови или да ги изнајмат на една година, што е особено тешко да се најде. На годишно ниво се закупуваат станови по цена од 400 до 600 евра, но ако успеат да се најдат такви. На цена се и викендичките во Маврово и на Шапка“, вели Филиповска.

Имат смештај?

Од охридската агенција Јурис велат дека најмногу се бараат станови од 40 метри квадратни и гарсониери, коишто ги има помалку и чија цена е повисока. „Нема доволно станови, изградбата е сопрена на нови објекти, а тоа што е во градба е веќе разграбано“, велат од агенцијата.
Агентите за продажба се согласуваат дека цените не се реални и се движат од 1300 до 1400 евра за квадрат за станови коишто се наоѓаат на Туристичка, во центарот на градот. Цените се за нијанса поефтини на пефиреријата на градот, но и таму се енормно високи во однос на понудата – често се продаваат постари станови на кои им е неопходно реновирање, а се нудат како да се „ексклузивни објекти на Медитеранот“.

Враќање кон природата

Од охридската агенција Камелија сметаат дека порастот за купување на недвижности во Охрид не се должи само на пандемијата, туку и на зголемената свест кај луѓето, кои се почесто бараат помирен, поспокоен живот, оддалечен од градската врева и загаденост, па спасот го бараат покрај Охридското езеро.

„Светски тренд е да се враќаат сите кон руралното, кон поедноставниот живот, да и се враќаат на природата. Не е исклучок ниту земјава, каде иако задоцнето, почнаа да се случуваат тие процеси“, велат соговорниците на Дојче веле.
Од агенцијата објаснуваат дека кај нив се нудат на продажба станови од 800 евра за квадрат на влезот на градот, па се до 1.500 евра за објекти покрај езерото. Но, таква слободна локација тешко се наоѓа, додаваат нашите соговорници. Се бараат помали станови, со поглед кон езеро, како и на потегот кон плажите, па цената на становите на пример во Охридати се движи и од 1200 -1300 евра за квадрат.

Постарите градби повеќе се бараат

„До пред пет години имаше поголема понуда отколку побарувачка на недвижности. Откако почнаа банките да даваат поповолни кредити за граѓаните, нагло порасна побарувачката за станови“, се присетува велешанецот Оливер Тоневски кој повеќе години работи како агент за продажба во Велес. Според него, младите се почесто се одлучуваат да живеат сами, а не со родителите, поради што порасна интересот и за купување и за изнајмување на помали станови. Ако цената на становите во Велес пред десетина години се движела од 220 до 280 евра за метар квадратен, од пред неколку години таа е порасната на 500 до 550 евра за половните станови, додека за новите градби цените достигнуваат и од 650 до 700 евра. Во последниот период се нудат и станови за 750 евра од квадрат. Но, според него проблем со кој секојдневно се соочува е што цените вртоглаво растат, а квалитетот на новите градби често е под просекот, па клиентите често се одлучуваат да купат стан на старо и да вложат за негово реновирање, отколку да ризикуваат со нова градба.

Проблемот во Велес е што нема многу нови градби – поради конфигурацијата на теренот, нема ниту многу простор за изградба на нови згради. Тоа што е веќе изградено е веднаш распродадено – станови нема ниту за лек. А, куќите вели тој, се помалку атрактивни за купувачите – тешко им е да ги одржуваат поради миграцијата која што е присутна во овој крај. Тоневски вели дека и доколку има побарувачка за купување на парцели за куќи, во градот веќе нема слободни места, па се бараат локации во периферијата на Велес.
„До пред некоја година во Неготино, Свети Николе беше најефтино да се купи имот, ама и таму ги покачија цените. Ако квадрат се продаваше за 200 до 250 евра, сега се бара од 500 до 600 евра за истиот имот. Голем пораст има и на цените на недвижностите во Штип. Особено се рипнати цените за издавање на станови, има голема побарувачка, а мала понуда. Тоа се должи на тоа што Штип е студентски град, но има и голем број на конфекции, каде што доаѓаат да работат жени и од другите градови, на кои им е потребно сместување. Тоа ја покачи и цената на квадратот во градот која сега се движи од 750 до 800 евра, а во некои случаи достигнува и до 900 евра од метар квадратен.
Стагнација, вели дека се случува во Струмица, каде се градат помалку станови и градежните инвестициите ги насочуваат на изградба на објекти на веќе постоечките парцели.

Најмногу станови продадени во Карпош, најмногу куќи во Битола

Лани во периодот од јули до септември најголем број на станови биле продадени во општина Карпош – 257, додека пак најголем број на куќи се продале во Битола – 45. Ова го покажуваат податоците објавени на Регистарот на цени и закупнини, којшто го воспостави Агенцијата за катастар на недвижности во 2015 година. Во периодот од 1 јули до 30 септември 2020 година регистрирани се вкупно 5.985 трансакции (купопродажби, продажби од инвеститор и закуп). Споредено со вториот квартал од 2020 година, во овој квартал има регистрирано 1.912 трансакции повеќе, што укажува на раст на пазарот на недвижности во однос на обемот на тргување.
Во третиот квартал имало 4.578 продажби од кои 3.862 се стари недвижности, додека 688 се продажби на нови градби. Највеќе се продавале станови, па земјоделско земјиште, градежно земјиште, куќи, деловен простор… Но, најголем дел од пазарот заземаат земјоделското земјиште и становите кои заедно сочинуваат 68 отсто од пазарот за продажба на недвижности.

Најголем број купопродажби се регистрирани во септември – 1.355, а највеќе нови градби биле продадени во јули – 291. Најголем број трансакции се случиле на територијата на општина Центар – 457, во Карпош – 456, додека во Аеродром имало 435 трансакции. Најмалку трансакции имало во општините Новаци – 6, Лозово – 5, Градско – 4, Арачиново – 2 и Центар Жупа – 1 трансакција. Во Вевчани не е пријавена ниту продажба, ниту закуп на имот.
Во периодот од јули до септември минатата година во земјата се продадени 688 новооизградени станови, што е за седум станови повеќе од вториот квартал во 2020 година. Според статистиката ма Агенцијата за катастар на недвижности, заклучно со септември, на територијата на целата држава имало 6.923 станови кои се изградени, а се уште не се продадени и се нудат на пазарот на недвижности.

 

Извор:  DW