Ако САД не можат да го платат својот долг, тоа ќе има многу сериозни последици не само за САД, туку и за глобалната економија.

Ова го изјави Џули Козак, директорка за комуникации на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).

Козак истакна дека заканата за САД од неможноста за исполнување на обврските настанала во тежок момент за глобалната економија.

Таа ги повика американските власти да се обединат и да постигнат консензус за итно решение на ова прашање.

Претходно американскиот претседател Џо Бајден изјави дека евентуалното прогласување на неплаќање од страна на американската влада може да се претвори во катастрофа.

Според него, во овој случај американската економија ќе западне во длабока рецесија, сметките на пензионерите ќе бидат празни, речиси 8 милиони луѓе ќе останат без работа, а меѓународниот углед на Вашингтон ќе биде нарушен.

Експертите сметаат дека зголемувањето на горната граница на јавниот долг треба да го спречи овој исход.

Сепак, републиканците и демократите сè уште не можат да се договорат за условите на таквата иницијатива.