„Доколку Национален совет и особено Одборот за евалуација чесно ја извршуваат својата работа, јас сум сигурен дека еден дел од јавните и голем број од приватните универзитети ќе го изгубат статусот на универзитет/факултет“, вака професорот Борче Давитковски, меѓу другото, ја оценува состојбата во високото образование во интервју за неделникот „Фокус“

ФОКУС: Според бројот на жители, има ли држава со толку многу универзитети и факултети како Македонија? Се чини дека квантитетот не донесе квалитет, па чуму беше целиот проект?

ДАВИТКОВСКИ: Покрај другите работи каде што сме уникатни, исто така и во бројот на јавните и приватните универзитети сме шампиони во светот. Шест јавни универзитети и уште многу повеќе приватни. Тоа е нешто што го нема никаде во светот. На пример, правните студии се остваруваат на 22 места, што значи – покрај во матичното седиште на факултетите – и во дисперзираните места.

Секој помал град во Македонија има, или правен, или економски факултет, а бројот на средношколци перманентно се намалува. Со намалувањето на бројот на студентите, се намалуваат и средствата со кои располагаат факултетите. Со тоа и некои факултети што се држеле до своето реноме, мора да ги намалат критериумите за да продолжат да егзистираат.

ФОКУС: Што предлагате како излезно решение?

ДАВИТКОВСКИ: Ако се продолжи ова удвојување на дадени јавни универзитети, се деградираат извесни професии, како правната, економската, лекарската и слично. Имаме Национален совет, имаме и Одбор за акредитација и евалуација. Доколку тие чесно ја извршуваат својата работа, особено Одборот за евалуација, јас сум сигурен дека еден дел од јавните и голем број од приватните универзитети ќе го изгубат статусот на универзитет/факултет.

ФОКУС: Според некои податоци, околу 800 наши деца годинава се запишале на словенечките факултети? Кој е мотивот на Словенија, а кој на нашите студенти од овие трансфери?

ДАВИТКОВСКИ: Секоја паметна држава води грижа за сопствениот развој, па така и Словенија со давање 900 стипендии поддржува, на разни факултети, граѓани од екс-ју републиките, кои, покрај бесплатното школување, имаат и сместување за багателни цени. Моја претпоставка е дека барем 80 отсто од овие наши млади образовани кадри на словенечките универзитети нема да се вратат во Македонија. Всушност, и нашиот источен сосед има иста политика кон нашите матуранти.

ФОКУС: Што да промениме за да бидеме паметна држава?

ДАВИТКОВСКИ: Нашата држава мора да воведе бесплатно образование на јавните универзитети. Мора да се воведе и приемен испит со строго ограничена квота, така што тој што ќе влезе на универзитетот и ќе заврши елитен факултет, ќе има отворени врати за вработување, како во јавниот, така и во приватниот сектор.

Всушност, ако ги гледате огласите за вработување, особено од странските компании во државата, ќе видите дека се инсистира на струка што кандидатот ја завршил на еден од факултетите на УКИМ. Тоа не е случајно.

Целиот текст може да го прочитате во најновиот број од неделникот “Фокус” кој што можете да го купите и во електронска форма на овој линк