Експертите очекуваат во наредниот период цената на горивата да продолжи да паѓа, а со почетокот на летото, поради зголемување на побарувачката за сурова нафта на северната хемисфера, може да се очекува благ пораст на цената на нафтата и на гасот.

Цената на енергентите во надолна линија

Цената на нафтата на светските пазари го достигна најниското ниво во последните осумнаесет месеци, при што продажната вредност на нафтата веќе трета недела е во надолна линија. Имено, еден барел на лондонската берза неделава падна за 5,3 отсто и достигна 75,30 долари, додека на американскиот пазар барелот поевтини за 7,1 отсто и се продаваше за 71,34 долар.
Паралелно со падот на цената на црното злато, поевтинува и природниот гас, кој на холандската берза се намали за 5,1 отсто, а истиот тренд продолжува. Фјучерсите за јуни, на почетокот на неделава, се продаваа по цена од 36 евра за мегават-час. Највисоката цена на гасот на холандската берза ТТФ е забележана во август минатата година, кога достигна 339 евра за мегават-час.

Продлабочување на енергетската криза, да или не?

Ваквото „ценовно“ сценарио за двата важни енергента не се совпаѓа со некои претходни процени на економистите за продлабочување на енергетската криза, која беше изразена по „заладувањето на политичките односи меѓу големите сили, по случувањата во Украина“. Обемот на трговија со нафтени деривати и особено со природниот гас во Европа не е толку голем за овој период од годината, што се должи на воздржаноста на инвеститорите и нивните очекувања дека цената на гасот ќе продолжи да паѓа, пренесува „Блумберг“.
– Некои очекуваат дека цената на природниот гас ќе падне на само 10 евра за мегават-час, или за 70 отсто од сегашното ниво. Но ако се случи тоа, нема да трае долго – проценува Клаус Рајниш, експерт во енергетската компанија „МЕТ холдинг“.
Пазарот на природниот гас и натаму е чувствителен на промени, а евентуалниот голем пораст на потрошувачката на гас во индустријата во комбинација со побарувачката на азиските земји со гас е ризичен. Аналитичарите од „Голдман Сакс груп“ и „Бостон консалтинг“ сметаат дека постои можност цената на гасот повторно да се искачи на ниво над 100 евра за мегават-час.
Цените на нафтата паднаа бидејќи неочекуваниот пораст на резервите на нафта во САД предизвика загриженост за побарувачката, а инвеститорите ги чекаа податоците за инфлацијата во САД за да ја измерат следната одлука за стапката во нацијата со најголема потрошувачка на нафта. Како можен знак на слабеење на побарувачката беше зголемувањето на резервите на сурова нафта во САД за околу 3,6 милиони барели, додека резервите на бензин пораснаа за 399.000 барели, објави во вторникот Американскиот институт за нафта.
Овие информации ги отфрлија очекувањата од осум аналитичари, чии изјави беа пренесени од „Ројтерс“, за намалување на резервите на сурова нафта за 900.000 барели и пад на резервите на бензин за 1,2 милион барели. Изненадувачкото зголемување на резервите во САД заедно со помалиот увоз на сурова нафта и поблагиот раст на извозот во Кина во април ги влошија прогнозите за глобалната побарувачка на нафта.

Зошто е надолен трендот на цената на нафтата

Дополнително, на висината на цената на нафтата ќе влијае месечниот извештај за нафта од Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК), кој треба да се објави неделава за да даде индикатори за тоа дали групата и нејзините сојузници ќе треба повторно да го намалат производството за да ги поддржат цените.
ОПЕК и неговите сојузници (познати како ОПЕК+), минатиот месец се согласија да го намалат производството за 1,16 милион барели дневно од мај до крајот на годината.
Медиумите објавија дека руското министерство за енергетика соопшти дека со намалувањето на производството на нафта целните нивоа речиси се достигнати во април.
По неколкунеделниот надолен тренд на вредноста на нафтата, шефот за истражување во инвестициско-финансискиот гигант „Ситигруп“, Ед Морис, изјави дека очекува слабеење на цената на овој енергент наспроти претходното намалување на понудата од Организацијата на нафта и нејзините сојузници (ОПЕК+). Падот на цената под 80 долари по барел, според него, е поради побавното заздравување на кинеската економија, од очекуваниот раст, додека намалувањето на стопанските активности на западните земји ја намалуваат побарувачката за овој енергент.
– Чекаме да видиме што ќе се случува со економијата, но заздравувањето е побавно. Ова може да биде појава што ќе се случи кон крајот на годината – изјави Морс.
Учесниците на нафтениот пазар бараат и други објаснувања за ваквиот надолен пад на вредноста на нафтата, а како една од можните причини се намалените очекувања кај „шпекулантите“ во тргувањето, но и потфрлањето во прогнозите за можните побарувачки. Во овој период, побарувачката за капитални производи во САД е намалена, а наедно се случува и банкарската криза, која предизвика и несигурност кај идните инвеститори по падот на Првата републиканска банка.
Но цените на нафтата се стабилизираа, по изјавата на рускиот заменик-премиер Александар Новак, кој изјави дека постои урамнотеженост на пазарот на нафта, додавајќи дека групата на водечките производители на нафта од ОПЕК+ не гледа потреба за натамошно намалување на дневното производство, иако таквата можност не е исклучена. Наедно, аналитичарите ја наведуваат и пониската рафинериска маржа како главен фактор што придонесува за падот на цената на нафтата.
Експертите очекуваат во наредниот период цената на горивата да продолжат да паѓаат, а со почетокот на летото, поради зголемување на побарувачката за сурова нафта на северната хемисфера, може да се очекува благ пораст на ценатa.