Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ во своето гостување на „Стадион“ на Канал 77 истакна дека македонските граѓани ќе плаќаат поскапа струја затоа што власта нема инвестиции и има криминал во енергетскиот сектор во Македонија.

Мицкоски посочи дека власта во изминативе 5 години ништо не направи во врска со енергетскиот сектор, освен што се прават бизниси преку превоз на јаглен иако имаме потенцијал за самите да копаме.

–   Што е ново во овие 5 години почнато? Еве во Кичево има три потенцијални места за јаглен, зошто не почнаа ископ и зошто мораше да се  носи јаглен со камиони, прашајте чии се тие камиони, кој го носи и каде сето тоа завршува, потенцираше Мицкоски.

Мицкоски додаде дека поради криминалот власта воопшто не размислува за иднината за производство на електрична енергија и затоа ни се случува оваа голема катастрофа.

– За да користите јаглен и од него да добиете електрична енергија во процес како РЕК Битола и Осломеј треба да се направи проект за да се знае каков јаглен, како да се копа и да се направи стратегија за следни 10 години. Тоа што беше до лани беше оставено од претходно, а тоа што треба да биде оваа година и наредните 9 години требаше да го направат лани, но не мислеа. Тоа е уште една голема катастрофа, нагласи Мицкоски.

Дека власта ја интересира само приватен бизнис во енергетскиот сектор Мицкоски посочи дека еден од најголемите трговци со струја стана вицепремиер во владата на Заев.