Стариот систем за субвенционирање каде земјоделците добиваа субвенции без да прикажат доказ дека оствариле производство го заменуваме со нов поефикасен систем каде земјоделците ќе мора да докажат дека имаат остварено и предадено производство, најави денеска Гоце Георгиевски, од Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство на СДСМ.

На партиската прес-конференција тој рече дека Владата навремено и пред почетокот на негативните последици од светската економска криза, презела конкретни мерки и го донела Националниот план за производство на храна, за да го зголеми домашното производство. Преку интервентниот фонд се помогнати производителите на житни култури во набавката на вештачко ѓубриво и досега оваа мерка ја искористиле 6.815 корисници за кои е исплатена поддршка од 112,9 милиони денари

-Стариот систем за субвенционирање каде земјоделците добиваа субвенции без да прикажат доказ дека оствариле производство го заменуваме со нов поефикасен систем каде земјоделците ќе мора да докажат дека имаат остварено и предадено производство. Во пракса тоа би значело дека земјоделците преку програмата за финансиска поддршка во земјоделството би добивале основна субвенција која би се исплаќала авансно, а ќе биде наменета за одржување на земјиштето во обработлива состојба.Оваа субвенција би ја добивал секој земјоделец кој обработува земјоделска површина, посее едногодишна култура или одржува траен насад, поднесе барање и воедно ги исполнува пропишаните минимум критериуми без услов за предадено производство, нагласи Георгиевски.

Појасни дека можност за авансна исплата на дел од основните субвенции се предвидува и кај сточарството.

Дополнителната субвенција, како што информира, ќе следува за стратешки утврдените култури и производи и таа ќе е врзана со остварен принос, но и со предавање на своето производство во регистрирани домашни капацитети или ако своето производство го искористат за сопствено производство на финален производ.

Ова, според него, во никој случај не значи кратење на субвенциите, туку ставање на македонското земјоделство на европски патеки.

Во меѓувреме, нагласи дека продолжуваат и другите видови на поддршка за земјоделците, како грантовите за „Млад земјоделец“ и „Рурална жена“, поддршка за малите семејни винарии, како и финансиска помош за земјоделските задруги.