Согласно Законот за кривична постапка, Јавното обвинителство е единствено надлежно да донесува наредба и да спроведува истражна постапка, информираат од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, во врска со наводите и извештајот презентирани на вчерашната прес-конференција од неколку лица, меѓу кои и, како што наведуваат, едно осомничено лице во врска со стечајот на „Еуростандард“ банка.

– Дел од наводите од оваа „приватна или независна истрага“ беа истражувани во предмети по кои постапуваше Јавното обвинителство и за кои, во согласност со доказите, донесе мериторна јавнообвинителска одлука, нагласувата од ЈОРСМ.

Во врска со стечајот на Еуростандард банка, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, соопшти дека ја испитува одговорноста за стечајот, при што по проверките кои беа направени и кои упатуваа дека банката не постапувала по бројните мерки изречени од страна на Народната банка и доставувала неточни извештаи до Народната банка, надлежниот јавен обвинител донесе Наредба за спроведување истражна постапка против четири одговорни лица од Еуростандард банка за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело Предизвикување стечај на банка по член 181 ст.1 од Законот за банки и продолжено кривично дело – Перење пари и други приноси од казниво дело по член 273 ст. 6 во врска со член 45 од Кривичниот законик.

– Осомничените како лица со посебни права и одговорности во Еуростандард банка АД Скопје ги повредиле одредбите од Законот за банки, како и Методологијата за адекватност на капиталот. Како резултат на несоодветното работење на осомничените, органите на банката целосно затаиле во извршување на основните функции и со своите одлуки не постапиле по изречените мерки на Гувернерот на НБРСМ, при што придонеле за дополнително влошување на профилот на ризик на банката. Воедно го зголемиле ризикот од концентрација и масовно ја затскриле реалната способност на клиентите за измирување на обврските и нереалната класификација, што резултирало со погрешно известување за финансиската состојба на банката и нејзините сопствени средства како кон НБРСМ, така и кон останатите заинтересирани страни. Со ваквото работење придонеле за генерирање на големи материјални кредитни загуби, со што го намалиле износот на сопствените средства на банката и наметнале потреба од значителна докапитализација на банката, а притоа не извршувале капитализација по мерка изречена од Гувернерот на НБРСМ. Сето ова придонело банката по сила на закон да биде во услови на стечај, што подразбира дека депозитите не може да бидат вратени во пари на доверителите, штедачите и депонентите на банката, со што банката била доведена во состојба на несолвентност, соопшти тогаш ЈОРСМ.

Истрагата, информира ЈОРСМ, во овој предмет е во тек, а по нејзиното завршување обвинителството ќе донесе соодветна јавнообвинителска одлука.​