Објавен конечниот извештај за ревизија на успешност за „Користење на водите за наводнување“

2023-01-11 17:00

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на успешност на тема „Користење на водите за наводнување“, согласно неговата годишна програма за работа за 2022 година, со цел да се даде одговор на прашањето „Дали е обезбедено добро управување со системите за наводнување?“. Утврдено е дека донесените политики и преземените мерки и активности од надлежните органи и вршителите на водостопанска дејност, не обезбедуваат рационално и ефикасно користење на водите за наводнување и добро управување со системите за наводнување, информираат денеска оттаму.

– Најголем дел од расположливите средства, од Буџетот на Република Македонија, 92,2 милиони евра и од кредити 193 милиони евра, се наменети за изградба на повеќенаменски хидросистеми и реконструкција на системи за наводнување, а истовремено во најголем дел е запоставено тековното одржување на постојните застарени и делумно нефункционални системи, поради што 2/3 од земјоделските површини се наводнуваат надвор од системите или не се фактурираат, што влијае на помалку остварени приходи на вршителите на водостопанска дејност и на буџетот на државата, бидејќи за таквото наводнување не се наплатува воден надомест, ниту надоместок за водно право за наводнување, се наведува во соопштението.

Од друга страна, како што пишува во соопштението, поради ненавремено започнати активности и бавна динамика, платени се провизии за неискористени средства од кредити во износ од 272 илјади евра.

– Дополнително, цените по кои се фактурира услугата за наводнување не обезбедуваат одржливост, односно покривање на трошоците за тековно одржување на системите и пропорционално оптоварување на корисниците, а воспоставениот начин на фактурирање не обезбедува целосно утврдување и наплата на надоместоците. Во АД „Водостопанство“ во 2019 и 2021 година несразмерно се планирани високи количини на вода, а се прикажани уште поголеми потрошени количини значајно над реално потребните за наводнување на планираните површини, што доведува до загуба на вода, односно изгубен приход од најмалку 3,6 милиони евра, а истовремено и до прекумерно исцрпување на водните ресурси имајќи предвид дека наводнувањето е најголем потрошувач на вода во државата, велат од Државниот завод за ревизија.

Од извршената ревизија, како што се потенцира, констатирано е дека законската регулатива е недоречена и нецелосно имплементирана, „односно утврдени се надлежности за повеќе институции за различните аспекти од управувањето со водите без уреден начин на меѓусебна комуникација“.

– Сегашниот централизиран модел на управување не ги дал очекуваните резултати и не е обезбедено економично стопанисување, користење, функционирање и одржување на системите за наводнување. Констатирана е нерамномерна распределба на средствата и низок степен на реализација на проектите од планот за инвестирање во водостопанската инфраструктура за период од 2015-2025 година, со кој се предвидени инвестиции во водостопанството во износ од 19,88 милијарди денари или над 323 милиони евра. Од вкупно договорените инвестиции во износ од 5,7 милијарди денари, до јуни 2022 година исплатени се 3,3 милијарди денари, што е 16% од предвидените. Исто така е констатирано дека во отсуство на објективни критериуми за избор на проектите кои ќе бидат финансирани од буџетски средства, даден е приоритет за реализација на проектите за изградба од три региони, додека за останатите не се обезбедени средства, а за рехабилитација на брани и системи за наводнување наменети се само 1% од обезбедените средства, пишува во соопштението.

Според соопштеното, утврдена е забавена реализација и нецелосно исполнување на целите за изградба и реконструкција на водостопанска инфраструктура во државата со средства од заеми кај странски банки или меѓународни финансиски институции, „со кои се склучени договори за заеми во вкупен износ од 11,8 милијарди денари или приближно 193 милиони евра“.

Од Државниот завод за ревизија додаваат дека системите за наводнување се застарени и поради долгиот период на нередовно одржување, истите пропаѓаат и генерираат големи губитоци на вода.

– И покрај вонредните напори кои ги прават вработените во подружниците, во услови на недостиг на финансиски средства, персонал, механизација и опрема и резервни делови не се во можност да ги реализираат планираните активности за одржување и да обезбедат целосна функционалност на системите. Според Комисијата за брани, потребна е итна санација на дел од браните со кои управува АД „Водостопанство“, кои подолг период не се одржувани и санирани и не се следи нивната стабилност и сигурност, а дел од нив се запуштени до ниво што ги прави ранливи со неприфатлив ризик за околината. Со буџетските програми се издвојуваат средства за останати инвестиции во водостопанската инфраструктура, чиј степен на реализација на планираните активности е низок, поради неефикасност на спроведувањето на постапките за јавни набавки од страна на АД „Водостопанство“, посочуваат оттаму.

Со ревизијата утврдено е дека „нема синхронизирани информации за степенот на искористеност и за реалните потреби од системи за наводнување“.

– Од друга страна, лошата состојба на системите за наводнување довела до нивно недоволно искористување, а во исто време 2/3 од земјоделските површини се наводнуваат надвор од истите или не се фактурирани од вршителите на водостопанска дејност, со што е оневозможена наплата на надоместоците за наводнување и водно право. Нема комплетна и ажурна евиденција на издадените дозволи за водно право, голем дел од водата за наводнување се користи без обезбедени дозволи, а воедно нема систем за следење на потрошувачката и состојбата со водниот биланс во државата, што особено е изразено со резервите на подземни води. АД „Водостопанство“ има обезбедено 13 дозволи за водно право кои се однесуваат само за дел од поголемите акумулации и системи за наводнување, а во исто време има обезбедено 64 дозволи за вадење на песок, чакал и камен од реките, што упатува на несоодветно утврдени приоритети. АД „Водостопанство“ заклучно со 2021 година не извршило уплати во корист на Буџетот на Република Македонија по основ на надоместок за користење на вода по повеќе основи во вкупен износ од 30,15 милиони денари, поради што за дел од овие обврски со МЖСПП склучена е спогодба за условно плаќање на глоба, согласно која уплатени се 2,17 милиони денари, но и понатаму не се врши уплата на тековно настанатите обврски за надоместок, пишува во соопштението.

АД „Водостопанство“, според соопштението, во континуитет планира над 7.000 м3 вода по хектар површина, „иако нормата за наводнување на културите кои бараат најинтензивно наводнување изнесува 4.788 м3 вода по хектар, а повеќето култури бараат многу помалку вода“.

– Од друга страна, континуирано се наводнуваат околу 20% помалку површини од планираните, а се прикажани неколку пати поголеми количини потрошена вода од планираните за истите површини. Ова, во најголем дел е резултат на невоспоставени контроли на трошењето на водата, лошата состојба во која се наоѓаат системите и несоодветно планирање.Надоместокот за наводнување се наплатува во фиксен износ според пријавената површина и култури, односно не се зема предвид реално потрошената количина на вода, ваквата состојба значи дека повеќе потрошената вода претставува загуба, односно за истата не се наплатуваат приходи. Оваа состојба е особено изразена во 2019 и 2021 година кога се потрошени над 451 милиони односно 92 милиони м3 вода над планираното. Со таа вода, сметано според горенаведената норма во двете години би можело да се обезбеди интензивно наводнување на дополнителни 113 илјади хектари, што сметано според најниската цена од 2 илјади денари по хектар, изнесува најмалку 226 милиони денари или околу 3,6 милиони евра изгубени приход. АД „Водостопанство“ има високи износи на ненаплатени побарувања од корисниците на нивните услуги и неплатени обврски кон државата кои изнесуваат 56,6 милиони денари, како и кон добавувачите и вработените. Дел од јавните водостопански претпријатија, чии хидросистеми се недоизградени и не функционираат во полн капацитет се соочуваат со континуиран недостиг на финансиски средства за редовно работење и за сервисирање на кредитните обврски, поради што користат средства од Буџетот на државата. Во исто време вршителите на водостопанска дејност остваруваат континуирани загуби од работењето кои за последните три години изнесуваат над 1,3 милијарди денари или над 20 милиони евра. Лошата состојба и лошото управување со системите, доведува и до дополнително финансиско оптоварување на давателите на услугите за наводнување поради плаќање за штети и тужби од корисниците по основ на исушување или поплавување на насадите и посевите, се истакнува во соопштението.

Во него се додава и дека во 2022 година, „ЈП „Стрежево“ има исплатено околу 61 милиони денари по основ на штета или приближно 1 милион евра , а АД „Водостопанство“ води судски постапки по основ на штети во износ од 142 милиони денари или приближно околу 2,3 милиони евра“.

– Поради недоволните капацитети на институциите надлежни за стручен и инспекциски надзор не можат навремено да се утврдат непочитувања на законската регулатива при користење на водата за наводнување и преземат мерки за нивно надминување. Со ревизијата опфатен е периодот од 2019 година до 2021 година, а прикажани се и состојби кои настанале претходно и последователно до денот на известување за извршената ревизија, се нагласува во соопштението. /МИА