Сметководителите од утре ќе им се придружат на туристичко-угостителските работници и заедно со нив ќе протестираат.

Тие се незадоволни од игнорантскиот однос на власта и непочитувањето на нивната професија, со тоа што никој не им одговорил на нивните барањата кои досега неколку пати ги кажале: директна неповратна финансиска помош, транспарентно донесување закон за сметководствени работи, пролонгирање на роковите за годишните сметки и даночните пријави, како и задолжителна консултација со експерти од дејноста за секоја дополнителна обврска со рок.

За средба со вицепремиерот Фатмир Битиќи кој сам ги повика се уште немаат конкретен термин.

За тоа колкава помош ќе им треба, сметководителите ќе излезат со анализи врз основа на точниот број вработени по фирми за да може да се конструира соодветен пакет кој би ги задоволил потребите.

Туристичко-угостителската комора утре ќе излезе со оценка за мерките од шестиот пакет што беа објавени вчера. Се уште ги анализира, но чека и одговор од Владата за начинот, методологијата и условите под кои ќе може да се аплицира за предвидената помош.