nafta 1Цените на нафтата се зголемија врз основа на добрите економски податоци од Јапонија и намалените залихи во САД, иако многу од инвеститорите очекуваат продолжување на надолниот пат на цената со оглед на силниот долар и прекумерната понуда.

На лондонскиот пазар цената на сурова нафта се зголеми за 51 центи во однос на претходното затворање и изнесуваше 40,77 $. На американскиот пазар се тргува за 59 центи повисока цена од 38,10 $.

Американскиот институт за нафта (API) објави дека комерцијалните резерви на сурова нафта се намалија минатата недела за 1,9 милиони барели, додека аналитичарите очекуваа скромен раст.

Дополнително цените добија подршка од скокот на јапонската индустрија во октомври, како и реформите во Кина во насока на поттикнување на увозот, кои ги подобруваат изгледите за азиската побарувачка.

Инвеститори се уште се претпазливи, со оглед на зајакнувањето на доларот, слабеењето на побарувачката, огромните залихи и очекувањето за зголемување на клучните каматни стапки во САД, што оди во прилог на продолжување на надолниот пат на цената на нафтата.

“Има некои податоци кои може да се сметаат за позитивни но Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) нема да го поддржи пазарот и мислам дека се големи шансите цената на нафтата да падне под најниското ниво од 2008 година”, изјави Bjarne Schieldrop од норвешкиот SEB.

Силен ценовен притисок е генериран од минатонеделниот состанок на ОПЕК на кој земјите членки не успеаја да се договорат за намалување на производствените квоти и покрај остриот пад на цените и продолжувањето на проблемот со прекумерната понуда.