До нашата редакција стигна писмо на револтирана Охриѓанка од странство, па дописот ви го пренесуваме во целост:

„Здраво БанкоМетар,
Ве читам често и знам дека редовно објавувате писма на читатели, па со надеж дека ќе го објавите ова, ви го пишувам вас. Инаку, моето име е Татјана Најденовска, родум од Охрид, но последниве 30 години живеам со своето семејство во Шведска. Не бевме дојдени во Охрид, повеќе од 7 години, а имаме и стан во Охрид. Дојдовме оваа зима пред празниците за да ги прославиме Новогодишните, Божиќните и Водици… Но што ни се случи вчера? Во недела, со својот сопруг, слеговме во градот со автомобил. Го паркиравме во центарот на градот и ни пријде вработен човек, цел завиткан во шалови, ни промумла нешто и разбравме дека за два часови треба да платиме 60 денари, и ние веднаш плативме. Но, му кажавме дека доколку се задржиме евентуално повеќе време, ќе си доплатиме нема проблем. И тој ни рече нема проблем. Бевме во ресторан, и задоцнивме 45 минути од платеното, за што ќе си платевме нормално колку што треба. Но, бевме изненадени, дека покрај тикетот за платен паркинг, ни беше оставен тикет-казна од 1.000 денари бидејќи времето истекло? Не можевме да разбериме што е проблемот,и вработен на паркинзите ни рече дека тој е нов на смената, да сме оделе во дирекцијата на ЈП Билјанини Извори кај хотел Палас и таму да сме си се разбереле. Тој не знаел ништо, бидејќи контролорите си поминувале. Кога го прашавме каде се контролорите, едноставно не ни ни одговори, си замина…
Јас и сопругот, во неверување, отидовме да го бараме ова место, таа канцеларија, и откако ја најдовме, забележавме дека тука имаше уште 2-3 автомобили со истиот проблем. На платен паркинг, ако задоцнеле 15 минути или половина час, одма се пишува казна од 1.000 денари. Вработениот таму, урлаше како лудак и му викаше на луѓето дека ништо не знаел, системот за следење бил од Скопје и да сме се жалеле во Главната Дирекција во понеделник и цитирам: Да сме го молеле директорот, некој си извесен Тео, да не ја скинел казната ако можела.

Нас ни беше смешно… Илјада денари за нас се тотално ништо, и нема да молиме никого за да ни ги опрости овие 1.000 денари, но ваков начин на казнување, на платен паркинг е нешто смешно и не видено никаде. Не ми е за 1.000 денари, но вакви ненормални и непотребни кавги и драми, не ми се потребни… Ако јавното претпријатие, како што разбравме, немало за плати и било превработено, не може на овој начин да се финансира. Жално до каде стигна мој Охрид…. Ми се одмили, хигиената, сообраќајот, услугата се е за никаде, но ова ми ја прелеа чашата. Не им ја плаќам казната, па нека наплатат како сакаат. Но, не доаѓам повеќе во вакво место, каде те рекетира кој каде ќе стигне, иако сум тука родена. Исто така и сите мои пријатели ги советувам да не одат веќе во Охрид, едноставно не вреди…

 

Татјана Најденовска – Лунд“