Кумулативниот реализиран финансиски резултат, за периодот од 1.1.2021 до 31.3.2021 г. изнесува 86,9 милиони денари и споредено со истиот период минатата година бележи зголемување за 6,7 милиони денари што е резултат на порастот на приходите од провизии и надомести и намалувањето на останатите расходи.

Нето-приходите од камати на крајот од првиот квартал од 2021 година изнесуваат 267,5 милиони денари и се на исто ниво споредено со првиот квартал од 2020 година.

Приходите од камати бележат намалување од 9,2 милиони денари, во најголем дел резултат на пониските каматни приходи од пласмани кај секторот Компании, кој е под најголем пазарен и конкурентски притисок кај активните каматни стапки, додека приходите од камати на кредитите кај населението, и покрај влијанието на пониската просечна каматна стапка, бележат раст благодарение на волуменскот импакт односно зголемената состојба.

Каматните трошоци бележат намалување за 9,4 милиони денари при што намалени се трошоците по камати и кај депозитите на население и кај депозитите на компании на што влијание имаа промените во рочната структура на депозитите поврзано со комерцијалните мотиви и потреби кај правните лица, и преференцијата за пократкорочна достапаност за физичките лица.

Нето-приходот од провизии и од надоместоци, во износ од 89,9 милиони денари, е зголемен за 11,4 милиони денари во однос на истиот период минатата година. Приходите од провизии се зголемени за 19,9 милиони денари, додека трошоците по провизии и надоместоци бележат помало зголемување од 8,5 милиони денари. Приходите од провизии и надоместоци бележат пораст на кој поголемо влијание имаат порастот на провизиите од платните системи, картичното работење, провизиите по услуги на електронско и мобилно банкарство.

Нето-приходите од курсни разлики изнесуваат 27,1 милиони денари и се намалени за 4,2 милиони денари или за 13,5 % во споредба со истиот период од минатата година поврзано со генерално намалената активност на стопанските субјекти и соодветно ценовниот аспект поради релативно пониската понуда.

Другите приходи изнесуваат 5,5 милиони денари и во споредба со истиот период од минатата година се зголемени за 2,6 милиони денари.

Исправката на вредноста на финансиските средства на нето-основа на крајот од првиот квартал од 2021 година изнесува 96,6 милиони денари и во споредба со истиот период во 2020 година, бележи зголемување од 17,6 милиони денари, или 22,3 %.

Вкупните оперативни трошоци во периодот јануари ‒ март изнесуваат 206,5 милиони денари и во споредба со претходната година, бележат намалување од 14,3 милиони денари или 6,5 % .

Намалување во првиот квартал има кај трошоците за вработени, трошоците за амортизација, трошоците поврзани со службените патувања.