Пред една недела, кога цените на криптовалутите се урнисаа, Целзиус Нетворк – експериментална банка за криптовалути со повеќе од еден милион клиенти која се наметна како лидер во матниот свет на децентрализираните финансии – објави дека ги замрзнува повлекувањата „поради екстремните пазарни услови “.

Претходно изминатава недела, Биткоин падна за 15% во текот на 24 часа на најниска вредност од декември 2020 година. Минатиот месец ТераУСД, систем кој требаше да функционира како конвенционална банкарска сметка, но кој беше поддржан само со криптовалутата наречена Луна – пропадна, изгуби 97% од својата вредност за само 24 часа, уништувајќи ги животните заштеди на инвеститорите.

Пред 89 години, Френклин Д. Рузвелт го потпиша банкарскиот закон од 1933 година, познат како законот Глас- Стигал, одвојувајќи го комерцијалното банкарство од инвестициското банкарство (Мејн Стрит од Волстрит) за да ги заштити луѓето од коцкање со нивните пари.

Пошироката цел на Глас-Стигал беше ставање крај на гигантската пирамидална шема што завладеа со американската економија во 1920-тите и доведе до Големиот пад во 1929 година. Американците се збогатуваа шпекулирајќи со акции и разни видови егзотика (приближно аналогно на криптото). Вредноста на овие ризични средства растеше само затоа што растеше бројот на инвеститори кои вложуваат пари во нив.Но, во одреден момент, пирамидалните шеми се рушат од сопствената тежина. Кога се случи крахот во 1929 година, тоа ги втурна САД и светот во голема криза. Законот Глас- Стигал беше алатка за враќање на стабилноста.

Но, до 1980-тите, Америка ја заборави финансиската траума од 1929 година. Како што растеше берзата, шпекулантите сфатија дека ќе заработат многу повеќе ако можат да се коцкаат со туѓи пари – како што правеа шпекулантите во 1920-тите. Го натераа Конгресот да го дерегулира Вол Стрит, тврдејќи дека американскиот финансиски сектор ќе ја изгуби својата конкурентска кондиција во однос на другите финансиски центри од светот. Конечно, во 1999 година, Бил Клинтон и Конгресот се согласија да го баталат она што остана од Глас- Стигал.

Како резултат на тоа, американската економија повторно стана обложувалница. Неизбежно, Вол Стрит доживеа уште едно речиси фатално искуство од прекумерното коцкање. Понзи шемите почнаа да се уриваат во 2008 година, исто како и во 1929 година. Разликата беше што овојпат американската влада ги спаси најголемите банки и финансиски институции. Кршот беше капсулиран но милиони Американци ги загубија своите работни места, заштедите и домовите (а ниту еден банкарски директор не отиде во затвор).

Што нè доведува до падот на криптото.

Актуелниот претседател на Комисијата за хартии од вредност Гери Генслер, ги опиша инвестициите во криптовалути како свет „преполн со измами, дубари и злоупотреби“. Во тој матен свет тешко е да се дознае кој обезбедува пари за заеми, каде течат парите или колку е лесно да се предизвика топење на валутите. Нема стандарди за менаџирање со ризикот или резервите на капитал. Нема барања за транспарентност. Инвеститорите често не знаат како се постапува со нивните пари а депозитите не се осигурани. Се вративме на финансиите на дивиот запад од 1920-тите.

Пред падот, вредноста на криптовалутите успеваше да расте заради растечкиот број на инвеститори, некои големи пари од Вол Стрит, заедно со поддршка на познати личности. Но, повторно, сите Понзи на крајот се рушат. И изгледа дека криптото сега се урива.

Зошто овој пазар не е регулиран? Главно поради интензивното лобирање од страна на крипто индустријата, чии кралеви сакаат да продолжат со пирамидалните шеми. Оваа индустрија истура огромни пари во политичките кампањи.

Се ангажираа голем број екс владини функционери и регулатори да лобираат во нејзино име – вклучително и тројца поранешни претседатели на Комисијата за хартии од вредност, тројца поранешни претседатели на Комисијата за тргување со фјучерси, тројца поранешни американски сенатори, еден поранешен шеф на кабинетот на Белата куќа и екс претседател на Федералната корпорација за осигурување на депозити. Поранешниот министер за финансии Лоренс Самерс ја советува крипто инвестициската фирма Digital Currency Group Inc и седи во одборот на Block Inc, финансиско-технолошка фирма која инвестира во системи за плаќање со криптовалути.

Ако требаше нешто да научиме од несреќите во 1929 и 2008 година, тоа е дека регулирањето на финансиските пазари е од суштинско значење. Во спротивно, тие се претвораат во пирамидални шеми кои на крајот ги оставаат малите инвеститори без ништо и ја дестабилизираат целата економија.

Време е администрацијата на Бајден и Конгресот да го регулираат криптото.

Роберт Рајч, професор на Беркли и поранешен американски секретар за струд, за Гардијан.