Производите во маркетите секој ден поскапуваат иако Владата постојано најавува дека ќе има намалување од 7 до 12 отсто откако им е субвенционира цената на струјата.

Високите цени на прехранбените производи во маркетите никој во државата не може да ги контолира оти пазарната или увозната цена се формира врз основа на трошоците и побарувачката на пазарот, велат од Државниот пазарен инспекторат (ДПИ). Од Инспекторатот  велат дека, врз основа на одлуката на Владата за замрзнување на цената на маржата на основните прехранбени продукти на 5 и 10 отсто, секојдневно вршат контоли и не се регистирани неправилности во овој дел.

„Има голем број поплаки кои ги добиваме од граѓани за големи покачувања на цените на прехранбените производи. На терен е констатирано дека ограничувањата во однос на маржата се почитуваат, но цените и понатаму се високи бидејќи никој на производителот не може да му каже колкава ќе биде производствената цена или увозната цена. Производителите ги зголемуваат овие цени тврдејќи дека им се зголемиле трошоците при производство. Ние тука немаме никакви надлежности да контролираме или казнуваме“, рече директорот на Пазарната инспекција Горан Трајковски, одговарајќи на новинарско прашање на денешниот брифинг.

Производите во маркетите секој ден поскапуваат иако Владата постојано најавува дека ќе има намалување од 7 до 12 отсто на цените, бидејќи државата им ја субвенционира цената на струјата. Премиерот Димитар Ковачевски и министерот за економија Крешник Бектеши тврдат дека веќе може да се почувствува намалување на цените на одредени производи, како леб, млеко, јогурт.

„Едно од најголемите барања на компаниите беше субвенционирање на електрична енергија. Како Влада тоа барање го исполнивме и сега останува на компаниите да го исполнат тоа што го ветиле. Ако имаме случаи на кризни профитери, ќе бараме од страна на пратениците вклучувајќи ја и опозицијата за да им излеземе во пресрет на граѓаните, бидејќи тоа се пари на граѓаните и на компаните кои плаќаат даноци, да го поддржат новиот Закон за солидарност, каде ќе се наведат и тие мерки. Средствата кои ќе се соберат од тоа законско решение ќе се користат за поддршка на граѓаните“, изјави Бектеши одговарајќи на новинарско прашање при денешната посета на приватна компанија во Скопје.