Државниот пазарен инспекторат од утрово интензивно прави контроли во маркетите и пекарниците, каде што се проверува дали се почитува одлуката на Владата за замрзнување на цената на лебот. Инспекторите ќе нотираат и кои маркети не добиле леб поради најавениот штрајк на производителите.

„Инспекторите се на терен и вршат надзори во однос на одлуката што ја донесе Владата за замрзнување на цената на лебот. Кога ќе завршат со контролите, кон крајот на денот, ќе има сублимација на информациите по што ќе се знае фактичката состојба“, велат од Пазарниот инспекторат.

Од таму додаваат дека сите инспектори, односно околу 170 од нив, се на терен во цела Македонија.

„Макфакс“ направи обиколка на маркети од повеќе брендови, како и на пекарници. Без леб останаа некои од нив по одлуката на Владата да ја замрзне цената на 33 денари. Рафтовите, каде што до вчера стоеја полубелиот и белиот леб, во најголем дел се празни. Онаму каде што има леб, тој е производство на помали фурни и се продава по усогласени цени. Рафтовите на кои стои лебот чија цена не е замрзната и денеска се полни.