Владата се уште ја нема започнато исплатата на државната помош од по шест илјади денари за ранливите категории граѓани со кои треба да набавуваат македонски производи. Законот е објавен во службен весник што значи дека тој е стапен на сила.

Но, од владата ни посочија дека парите на граѓаните ќе им легнат на нивните трансакциски сметки на средината на овој месец, што го намалува рокот за трошење. Имено на граѓаните ќе им останат помалку од десет дена за искористување на оваа антикризна мерка, бидејќи парите треба да се потрошат најдоцна до 25 декември. Од владата не  одговорија зошто процесот е пролонгиран. И Министерот за финансии  немаше детали зошто доцни исплатата и дали граѓаните ќе имаат доволно време да ги искористат овие средства.

Средствата се предвидени во буџет ќе ги добијат граѓаните, наменети се да ги користат средствата, со што ќе им се помогне на таа категорија на граѓани но и на економијата, изјави Фатмир Бесими министер за финансии.

Владата допрва треба да ја објави листата на граѓани на кои им следува оваа помош од шест илјади денари на интернет страницата „купувам домашно“, а потоа граѓаните кои ќе бидат на оваа листа а немаат трансакциска сметка или пак сметката им е блокирана треба да отворат нова во банката каде што владата ќе ги распредели.

Финансиската поддршка во износ од 6.000 денари е намената за ранливите категории на граѓани се однесува на  стечајни работници, самохрани родители, корисници на пензија до 15.000 денари, пасивни баратели на работа, уметници, граѓани од 16 години до 29 години, деца без родители, велат од Владата.

Првичните проценки се дека ваква помош од 6000 денари ќе добијат околу 300 илјади граѓани.