Договорите за градење фабрика во Турција се практично пред потпишување, но турската инвазија во Сирија го наведе Фолксваген на премислување околу одлуката.

Практично беше само прашање на време кога Фолксваген официјално ќе ја објави одлуката за изградба своја нова фабрика во Турција. Со волумен меѓу 1,2 и 1,5 милијарди евра, таа би претставувала една од најголемите германски инвестиции во Турција. Потрагата по погодна локација за изградба на новиот производен погон во југоисточна Европа долго траеше, во предвид беа и Бугарија, Романија и Србија. Но, кога на почетокот на октомври Фолксваген ја заведе во трговски регистар својата фирма-ќерка во градот Маниса близу Измир, стана јасно накаде одат плановите. Стануваше збор за вработување на околу 4.000 работници во Маниса, плус дополнителни 2.500 кај лиферантите.

Меѓутоа, по влегувањето на турски трупи во северна Сирија, Фолксваген ја одложи одлуката за нов погон во Турција. Во овие околности нема да се донесе одлука, објавија германските весници „Франфуртер алгемајне цајтунг“ и „Ханделсблат“, повикувајќи се на извори од концернот. Денеска и портпарол на Фолксваген ги потврди извештаите: „Управата на концернот ја одложи конечната одлука за новиот производен погон“.

Од Фолксваген се вели дека развојот на ситуацијата се посматра со голема претпазливост и загриженост, но без навлегување во детали. Сепак, портпарол на Фолксваген истакнува дека преговорите за градење фабрика уште не се завршени.

Автомобилскиот концерн со месеци преговараше пред да најави дека на почетокот на октомври ќе падне конечната одлука. Шефот на Фолксваген, Херберт Дис разговарал директно со турскиот претседател Ердоган околу производниот погон. На крајот на август е донесена и одлука според која фабриката, која требаше да биде подигната кај Измир во западна Анадолија, би имала производен годишен капацитет од 300.000 возила. Со градење требало да се почне во 2020 година, а да биде завршено во 2022 година. Планирано било произведување на моделите Пасат и Шкода со мотори на согорување. Досегашните производни капацитети за овие модели во Емден и Квасињи би требало да преминат кон производство на електрични модели.

Турција минатата недела отпочна воена офанзива во сириското погранично подрачје против курдските милиции. Без оглед на меѓународната критика, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган вчера изрази непоколебливост да ја продолжи воената операција до „конечна победа“. Американскиот претседател Доналд Трамп во меѓувреме најави економски санкции против Турција, прекин на трговските преговори и воведување царини за увоз на турски челик.