Фондацијата Претприемачки Сервис за Млади објави повик за бизнис идеи од областа на животната средина за учество во повеќемесечна акцелераторска програма „Зелена транзиција”. Акцелераторската програма за зелени бизнис идеи е бесплатна тренинг и менторска програма специјално дизајнирана за поддршка на т.н. зелени претприемачи кон креирање одржливи циркуларни бизнис модели.

Учесниците во програмата ќе стекнат продлабочени знаења за правната рамка и потребните дозволи за работа, како да дефинираат циркуларен бизнис модел за својата бизнис идеја и како да ги искористат можностите за финансирање на т.н. зелени технологии. Програмата ќе кулминира со презентација пред потенцијални инвеститори, клиенти и соработници. По завршување на програмата учесниците ќе имаат можност да се претстават на интернационална конференција за циркуларна економија која ќе биде организирана во Скопје, како и да аплицираат на програмите на ЕБОР за менторски проекти.

Право на учество имаат сите поединци и сопственици/управители на компании не постари од 35 години од целата територија на државава кои имаат бизнис идеја во областа на животната средина. Бизнис идејата треба да припаѓа на некоја од следните области: управување со отпад, вода и воздух, енергија и енергетска ефикасност, обновливи енергии, дигитални технологии, паметни материјали, одржливост, циркуларна економија, климатски промени и друго.

Учеството во акцелераторската програма е бесплатно, но бројот на учесници е ограничен. Крајниот рок за аплицирање е 2 јули преку пополнување на онлајн апликација. Сите детали во врска програмата и начинот за аплицирање се достапни на следниов линк http://yes.org.mk/Media/News.aspx?n=757&r=6&l=63&c=22.