ciprasrenzimerkelМинистрите за финансии на еврозоната вчера повторно не успеаја да се договорат за продолжување на кредитната поддршка на Грција и уште еднаш ги прекинаа преговорите, пет дена пред можниот банкрот на Грција.

Министрите за финансии се состанаа по четврти пат во една недела, додека Грција води битка со ММФ, Европската централна банка и Европската комисија за да ја добие последната транша од кредитот во замена за ветените реформи. Но, три часа подоцна разговорите беа прекинати без резултати.

“Тоа е се за денес. Институциите и Грција продолжуваат да работат. Еврогрупата ќе се состане подоцна, но не денес”, напиша на Twitter финскиот министер за финансии Alexander Stubb.

Германската канцеларка Angela Merkel вчера на средбата со шефовите на Европските централно десничарски партии во Брисел изјави дека договор за грчкиот долг мора да се постигне пред отворањето на финансиските пазари во понеделник, дознава Reuters од двајца учесници на средбата.

Wolfgang Schäuble министерот за финансии на Германија, по доаѓањето на состанокот проценува дека Грција и нејзините доверители  се “дури и повеќе оддалечени” одколку предходно, покрај маратонските преговорите помеѓу двете страни кои се водат речиси непрекинато од средата.

“Врз основа на тоа што го слушнав денес, се уште не сме го направиле потребниот напредок”, изјави канцеларката Angela Merkel, по пристигнувањето на самитот на ЕУ кој започна во исто време кога заврши состанокот на Еврогрупата.

Преговорите може да потраат некое време, но “среќниот крај е на повидок”, убеден е претседателот на Европскиот совет Donald Tusk.

“Потребно е уште многу часови” за да се постигне договор, предупреди тој.