Граѓаните се жалат дека трпат за леб, а политичките лидери им продаваат ветувања за европски плати. Упатените критикуваат за многу популизам, а малку економска логика.

Во пресрет на локалните избори политичките лидери распалија со ветувања за повисоки плати за граѓаните. Претседателот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски обзнани план за просечна плата од 750 евра, премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев најави 600 евра во постојниот мандат и зборува за можни 800 евра.

(Не)Реални ветувања

Политичките опоненти лицитираат со просечната плата во услови кога статистиката покажува нејзин раст, но недоволен да ја одлепи Северна Македонија од европското дно по овој параметар. Мицкоски го критикува Заев дека лажно ветувал 500 евра плата, но уверува дека има план таа да ја направи 750 евра:

„Тимот на економисти во ВМРО-ДПМНЕ долг период разработува и концепира еден нов процес на зголемување на просечната плата во државата, односно работат на докажување на теоријата за зголемување на просечната плата во државата, базирана на факти и аргументи. Концептот “Македонија за сите луѓе” е концепт кој се заснова на одредени постулати кои што се во тесна корелација со издржаните факти и точните пресметки како граѓаните да стигнат до 45.000 денари просечна плата, изјави Христијан Мицкоски.

Заев во меѓувреме го корегираше ветувањето за дополнителни 100 евра. Сега, кога Мицкоски најавува амбициозен план, премиерот зборува дури и за повисоки можности:

„Ветивме 36 илјади денари просечна плата и тоа ќе го оствариме. Ние сме во моментов 470 евра и имаме 130 евра до 600 евра, во периодот од четири години е ветувањето. Дајте заедно да сработиме, можеби ќе стигнеме до 800 евра. Јас би сакал да имаме просечна плата од 60 илјади денари до крајот на нашиот мандат, но ни треба многу заедништво“, изјави Заев.

Научна фантастика!?

Ветувањата за повисоки плати се убави за слушање, но колку се тие и реално остварливи? Оваа дилема е повеќе од оправдана, посебно периодов кога економијата е под сериозен удар на кризата предизвикана од пандемијата. Синдикатите не можат да кренат глава од проблеми со отпуштања, нередовни плати, затворени погони. Очекуваат и се надеваат на промени, но предупредуваат дека им е и преку глава да слушаат големи, но тешко остварливи ветувања:

„Во предизборие сме се изнаслушале се и сешто, но реалноста е поинаква. Државата е во тешка финансиска криза, не дај боже да дојде четврти бран на пандемијата. Нека се натпреваруваат, но колку е тоа реално. За жал стана нормално да слушаме ветувања кои се нереални и кои не се реализираат. Па ние гледаме дека и овие сега плати какви што се` не се исплаќаат. И овој просек со кој се фалат не е реален. Гледаме дека 60 илјади луѓе останаа без работа. Сакам да верувам, ама мислам дека во овој момент да се зборува за 750 евра просечна плата е научна фантастика. Но секој си прави своја политика, ама оваа некако ми е нелогична за локални избори. Но граѓаните ќе ги држат за збор и ќе си одлучат“, изјави за Дојче веле Маријан Ристевски, синдикален активист.

Издржана стратегија или популизам

Леснотијата во лицитирањето со просечната плата создава немир и кај бизнис заедницата. Стопанствениците предупредуваат дека е несериозно да се заговара осетно зголемување на платите, во услови на криза и без конкретни детали и стратегија како тоа би се реализирало.

„Од економска гледна точка државата тоа не може да си го дозволи. Посебно економија како што е нашава која е неориентирана на пазарни основи и создавање додадена вредност базирана на логични економски параметри. Ние немаме инвестиции кои ќе враќаат пари од услуги и продажба на добра, ниту пак економијата може толку да се развие за да издвојат такви средства за вработените. Факт е дека досега јавната администрација ја билда платата, но треба да се има предвид колку сме веќе задолжени, колку пари треба да се враќаат“, предупредува Миле Бошков, претседател на Бизнис конфедерацијата.

Она што дополнително боде очи според него е отсуството на конкретна стратегија за реализација на ветеното. Вака, повеќе наликува на популизам, отколку нешто издржано и реално остварливо:

„За жал е несериозно, не гледаме план како тоа би се направило, нема поставено рамка. Не гледаме ниту иницијативи за одредени дејности кои се високо доходовни и кои реално може тоа да го овозможат. Но тие очигледно дека не ни се ниту на крај на памет, а и немаме појма како функционираат. Дополнително што вака поставено и вака презентирано ветувањето е карактеристично за парламентарни, а не за локални избори. Ова само укажува дека станува збор за предизборен популизам. Или дека можеби ние нешто не знаеме, или дека некој ги помешал лончињата“, реагира Бошков.

Поголема продуктивност па повисоки плати

Дел од стопанствениците предупредуваат дека во услови на сериозна криза, кога голем дел од фирмите едвај сврзуваат крај со крај, потребна е политика на засилена поддршка во насока на зголемување на продуктивноста и конкурентноста на домашното производство. Само така велат би се поставила солидна основа за одржлив и реален раст на платите:

„ Кај нас покачувањето на платите е бркање на политички поени, а не бркање на раст на индустрија. Принципот на зголемување на платите треба да се базира на зголемување на бруто домашниот производ, односно на продуктивноста. Не може да покачите плати како музичка желба, таа е нешто што се заработува. Тоа го одредува пазарот. Ова може да биде реално кога ќе се направи автоматизација на цела индустрија. Јас постојано зборувам дека платата е секогаш реципроцитет односно еквивалент на продуктивноста, тука е најголемиот проблем“, изјави за Дојче веле Маријана Перковска, претседателка на Текстилниот кластер.

Оваа индустриска гранка е една од најпогодените во кризата. Дел од фабриките затворија, а дел се приморани да делат откази поради губење на нарачките и намаленото производство. Затоа апелира дека е потребна огромна внимателност и сериозност во политиките, а не популизам кој само би ги зголемил штетите:

„Еве јас ќе поставам едно прашање. Дали тој економски проект предвидува субвенционирање на пример на платите до постигнување на продуктивност која што ќе ја издржи таа плата. Гледате ли сега колку има отпуштања. Да не зборувам за администрацијата која живее на грбот на индустријата и која е гласачко тело кое гледаат да го зголемат. Затоа велам дека проблемот е со реалноста и ако нема модернизирање, ако нема стратегија и ако позади ова се крие само порака дека администрацијата ќе има поголема плата, тогаш зборуваме само за популизам кој дефинитивно дека ќе предизвика уште поголеми штети. За жал од ова јас гледам дека пораката е главно до државната администрација дека платите ќе им се зголемат за сметка на приватниот сектор. И тоа можат да го направат, ќе има буџетски задолжувања, ќе има зголемување на даноци. Но ќе има и огромни штети“, предупредува Перковска.

Политиката на зголемување на платите е една од клучните во стратегијата на Владата на СДСМ и ДУИ. Просечната плата порасна, но вистинските ефекти изостануваат со оглед на податоците дека дури 65% од вработените земаат далеку пониска плата од просекот. Мала утеха е зголемувањето на минималната плата која реално не повлече зголемување генерално на платите. Дел од упатените предупредуваат дека се додека не се утврди минимална плата на ниво на колективни договори по дејности, тешко дека може да се очекуваат поконкретни подобрувања. Со просечна плата од 28.721 денари или околу 470 евра, Северна Македонија е се` уште далеку зад останатите земји од поранешните Ју просстори. Во Хрватска, просечната плата порасна на 940 евра, во Србија таа изнесува 553 ева, во Црна Гора 530, во Босна и Херцеговина 501 евро. Пониски плати од македонските граѓани земаат само жителите на Косово.

Извор: Дојче Веле