Препораките на УНЕСКО ги поскапуваат цените на недвижности на брегот на Охридското Езеро. Становите на атрактивни локации достигнаа цена од 2.000 евра квадрат, полуксузните апартмани и по 2.800 евра. Но, и покрај поскапувањето интересот за купување на недвижности расте…

Умерената урбанизација согласно препораките на УНЕСКО и натаму ги поскапува цените на недвижностите на брегот на Охридското Езеро. Новите станбени објекти се со помал габарит и катност и во централното градско подрачје, но и на периферијата.

Цените на становите на брегот на Охридското езеро достигнаа 2.000 евра, полуксузните апартмани и по 2.800 евра за квадрат. Според добрите познавачи поради намалената понуда, цените на недвижностите и натаму ќе растат.

„Состојбата на пазарот на недвижности е континуирана, активна и динамична. Имаме постојано благ пораст на побарувачката, односно интересот за купување на недвижности особено на станови и апартмани во Охрид. Од друга страна имаме и постојано интерес за инвестирање и градење во Охрид“, вели Наташа Спасеска, агент за недвижности.

И покрај тоа што цените растат, расте и интересот за недвижности на брегот на Охридското Езеро. Најбарани се малите викенд станови и апартмани.

„Имаме најава за некои нови градби на атрактивни локации таму цените ќе бидат над 3.000 евра. Најбарани и понатаму секако остануваат викенд становите за задоволување на туристички потреби за клиенти кои не се од Охрид, кои се од други делови на Македонија и надвор од Македонија. Или како инвестиција за станоиздавање“, додава Спасеска.

Ако во минатото се градеа станбени објекти и по седум, осум ката, сега највисоките дозволени објекти надвор од централното јадро согласно Планот за управување со светското културно наследство, може да бидат најмногу приземје +5 ката.