nafta 1Цената за барел нафта се зголеми на ниво од над 58 долари, поддржана од предвидувањата дека производството на САД на нафта од шкрилци ќе го забележи првиот месечен пад по повеќе од четири години, а дополнителна поддршка дава и напнатоста во Јемен.

На лондонскиот пазар цената се зголеми за 30 центи во однос на претходното затворање, на 58,23 долари. На американскиот пазар се тргуваше за 40 центи повисока цена, од 52,31 долари.

Американската влада проценува дека производството на нафта од шкрилци во мај ќе се намали за 45.000 барели дневно на 4.980.000 барели дневно. Благодарение на овој извор американското производство на нафта од 2010 година се зголеми за повеќе од четири милиони барели дневно. Но поради моменталната ниска цена на нафтата во прашање е доведена исплатливоста на тој вид на производство.

Дополнителна потпора за зголемување на цените има и од тензиите на Блискиот Исток, особено во Јемен, каде поради влошената безбедносна ситуација затворен е објект за течен природен гас. Јемен произведува малку нафта, само околу 130.000 барели дневно во последниве неколку месеци, но аналитичарите стравуваат дека граѓанската војна може да ја дестабилизира соседната Саудиска Арабија.

Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) на својата веб-страница објави дека во понеделникот цената на нејзината нафта е 55,86 долари, што значи дека има зголемување од 1,82 долари во однос на претходниот трговски ден.